X
 27.09.2018 Образование

Отворен првиот франкофонски центар на УКИМ

Франкофонски универзитетски центар наречен „Трефл“ („Le Tres-Fle“) денеска беше отворен во рамките на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ со поддршка на Универзитетската агенција за фракофонијата, која на располагање за сите професори и студенти од универзитетот ги става можностите за користење на сите програми за стипендии и поддршка на научни и универзитетски соработки.

На отворањето на Центарот се обрати ректорот на УКИМ, проф. д-р Никола Јанкуловски, кој истакна дека неговото отворање претставува значаен настан во унапредувањето на соработката помеѓу Универзитетот и Универзитетската агенција за франкофонија.

- Се надевам дека благодарение на овој центар, нашите студенти и научноистражувачки кадри ќе успеат да постават основа за нови научни контакти кои понатаму ќе се развиваат и ќе се продлабочуваат, и оти ќе придонесе за многу успеси на сите полиња застапени на УКИМ - рече ректорот Јанкуловски

Отворањето на Центарот за универзитетска успешност го поздрави и заменик-министерот за образование Петар Атанасов, кој истакна дека тоа се вклопува во определбите на РМ уште од 2006 година кога земјата стана полноправна членка на Меѓународната организација на франкофонијата и ги споделува вредностите на организацијата како човекови права, демократија, како и културната различност.

Мохамед Кетата, директор на регионалното биро на Универзитетската агенција за франкофонија (УАФ) во Букурешт, во своето обраќање посочи дека агенцијата е оперативното тело на франкофонијата за сè што значи универзитетска соработка, а една од клучните нејзини заложби е и да им помогне на младите од регионот по студиите да најдат работа.

Амбасадорот на Франција, Кристијан Тимоние, пак, обраќајќи се и на македонски јазик, изрази надеж дека отворањето на овој центар, кој го носи името „Трефл“ (детелинка), ќе им донесе среќа на посетителите овозможувајќи им да се запознаат со сите можности што постојат во франкофонскиот универзитетски центар.

Франкофонскиот универзитетски центар претставува простор опремен со педагошки материјали и со современа техничка опрема, и нуди модерна настава, можности за широката франкофонска универзитетска понуда, но исто така и место за средби, дискусии, дебати на различни теми, изучување на францускиот јазик итн.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование