X
 27.09.2022 Живот

Дали новата италијанска десничарска влада претставува опасност за Европа?

Триумфот на постфашистите на изборите во Италија ќе има одредени последици врз Европската Унија, смета Александра фон Намен, новинарка од „Дојче веле“. Тие убедливо победија на парламентарните избори одржани  на 25 септември.

„Славиме со Италија“ - така на „Твитер“ гласеше коментар од интернет-корисник од Германија. Еден европски претставник од Франција напиша дека Италијанците ѝ одржале лекција за понизност на ЕУ.

Десничарските политичари од цела Европа се радуваат со Џорџа Мелони. Шефицата на десничарската национална националистичка партија „Браќа на Италија“ убедливо победи на парламентарните избори и најверојатно ќе биде премиер на новата влада.

За Италија, една од земјите што ја основаа Европската Унија, тоа е цензура. Новоизбраниот италијански парламент ќе биде најдесничарскиот парламент избран по Втората светска војна. Партијата на Мелони, која корените ги има од неофашистичкото движење, убедливо стана најсилната политичка опција. Во сојуз со десничарската национална „Лига“ на Матео Салвини и Христијанско-демократската партија „Форца Италија“ на Силвио Берлускони, тие имаат апсолутно мнозинство гласови на новата парламентарна седница.

1
Мелони со Матео Салвини и Силвио Берлускони во 2018 година/Фото: Wikipedia

Исфрустрирано гласачко тело


Свртувањето на Италија кон десничарската партија е поврзано со политичката ситуација во оваа земја. Многу Италијанци се незадоволни и фрустрирани од политичката класа. Третина од граѓаните со право на глас воопшто не излегоа на гласање. Италија имаше три влади во изминатите четири години. Мелони и нејзината партија не учествуваа во ниту една од нив. И сега профитираа од тоа.

Енергетската криза, инфлацијата, чувството на губење контрола врз имиграцијата, стравот од иднината, сето ова тематизирано и канализирано од харизматичната десничарка. Таа им вети на луѓето дека ќе се грижи, а токму тоа е нешто што многу Италијанци сакаат да го слушнат.

Но и ЕУ се смета за одговорна за лошата ситуација. Многу Италијанци ја перципираат ЕУ како институција која е далеку од вистинските грижи на народот, како нешто нетранспарентно, нешто што им служи на интересите на капиталот и плодна почва за компромиси со километри оддалечени од реалните грижи на граѓаните во одредени земји членки.

Опасна реторика на десничарските популисти

Токму ова го понуди Мелони во својата реторика. Таа за ЕУ рече дека е неспособно, бирократско чудовиште и најави дека ќе му стави крај на разузданиот Брисел, и дека конечно, таму ќе ги застапува интересите на Италија. Не може европското право да биде над италијанското, вели таа.

Мелони веќе некое време не бара Италија да ја напушти ЕУ или еврозоната. Но, со самата нејзина фундаментална критика кон ЕУ ќе стане сличен проблем каков што е унгарскиот премиер Виктор Орбан, човек кој му пркоси на консензусот на заедницата на држави.

Опасност за ЕУ-единството


Ова може да биде проблем, особено кога станува збор за определбата на Западот и ЕУ во однос на Кремљ. Во моментов Орбан е единствениот шеф на влада или држава во ЕУ што бара укинување на санкциите против Русија. Италија може да биде следниот проблем на ЕУ. Дури и ако Џорџа Мелони ги поддржи санкциите и се солидаризира со Украина, нејзините идни партнери во владата не го делат тоа мислење. Токму ова на телевизија неодамна го тврдеше Силвио Берлускони, пријател на рускиот претседател - дека Путин бил принуден да оди во војна. И Матео Салвини ги критикуваше санкциите на ЕУ, нарекувајќи ги мерка која ги клекна земјите на ЕУ на колена.

Затоа се поставува прашањето колку ЕУ во иднина ќе биде обединета и одлучна против Русија, особено во оваа фаза. Ако студената зима ја влоши енергетска криза, ќе ги зајакне популистите и во други членки на ЕУ. Во Шведска, на парламентарните избори пред две недели, десничарските шведски демократи станаа втората најсилна политичка опција во земјата. Победата на Мелони на изборите во Италија го зацврсти таборот на критичарите на ЕУ.

Занимавање со проблемите на граѓаните


На Италија ѝ треба ЕУ, која ја изгради оваа земја во минатото. Италија треба да добие 220 милијарди евра од фондот за обнова по ковид-пандемијата, пари потребни за стабилизирање на економијата. Ова не се менува со победата на десничарските популисти.

Но, примерот на Унгарија покажува колку е штетно за Унијата да се соочи со внатрешни непријатели. Подемот на Мелони покажува дека ЕУ конечно ќе мора да покаже поголема храброст кога станува збор за решавање на проблемите што ги мачат луѓето во ЕУ.

Автор: Александра фон Намен
Извор: Detusche Welle
Фото: Wikipedia
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот