X
 27.11.2019 Издвојуваме

Кога бев студент со Кренаре Невзати: Годините на конзерваториумот „Николај Римски Корсаков“ беа волшебни! Знаев дека пијам вода од изворот

Едноставно чувствувате должност и возвишеност кога пред вас стои слика или биста на Чајковски и на сите тие великани. Моите професори не сакаа многу да нè фалат и постојано велеа дека нашите дела треба да зборуваат, со радост се потсетува професорката по сценски движења и танц во рубриката „Кога бев студент“, која Факултети.мк ја подготвува заедно со „Пивара Скопје“



Кери во прв ред (втора десно) заедно со својата класа и професори

Речиси нема студент на Факултетот за драмски уметности од Скопје кој не бил нејзин студент во изминатите 25 години. Професорката Кренаре Невзати-Кери е магистер по режија на балет со диплома од престижниот конзерваториум „Николај Римски Корсаков“ во Санкт Петербург (тогашен Ленинград). Таа е скромна личност во чија канцеларија на ФДУ, освен понекој костим, нема закачени дипломи, признанија, фотографии, но има фотографија од Чарли Чаплин.
Кренаре Невзати била прогласена за најдобар студент на генерација! Волшебни пет години ѝ се случиле во градот на уметноста, за кои вели: „Посакував никогаш да не завршат“. За жал, ѕвездената прав брзо паднала и се удавила во балканскиот национализам.
Таа е по потекло од Косово, а тоа во Белград во 90-тите години на минатиот век не било пожелно. Од мала се занимавала со балет, но нејзина голема љубов била глумата.

Најдобра студентка на конзерваториумот

Кренаре е родена во Приштина, а од мала со семејството се преселила во Белград, каде што се школувала во средното музичко школо. Кога завршила средно, почнала да се подготвува за Драмска академија.
Но, како што животот е непредвидлив, така ѝ се случило и на Кери. Баш кога почнала да се спрема за приемен, ја сретнале претставници од конзерваториумот „Римски Корсаков“ од тогашен Ленинград. Ѝ понудиле да се запише таму и да добие стипендија. Таа понуда ѝ се видела како шанса која се раѓа еднаш во животот.


Добила орден за најдобар магистер на конзерваториумот

Се запишала на конзерваториумот во 1983 година.
- Се разбира дека се искомплицира тоа со стипендијата, имаше доста пречки за да заминам, ама кога нешто сака да се случи, ќе се случи. На моја голема радост, моето семејство ме поддржа и јас заминав во Ленинград на нивен трошок. Во тоа време за студентите од Југославија студирањето беше бесплатно. 1983 се запишав на конзерваториумот. Тие пет години беа навистина волшебни. Не го знаев јазикот и тоа беше шок за мене од секој аспект. Јас сум многу среќна што мојот конзерваториум, мојата алма матер, ги препозна мојот талент и желба. Професорите никогаш не нè фалеле премногу и во нив се гледаше скромноста на Русите. Не го знаев јазикот, не знаев да одговорам ниту на прашањата од типот на колку симфонии има Шостакович, но тие и без тоа препознале нешто во мене - вели Невзати.

Ужасни услови во студентскиот дом

Рускиот јазик го научила за еден-два месеци. По грешка пристигнала во градот еден месец порано. Се шокирала од условите во студентскиот дом, но тоа не ја разочарало и решила да си ја проба среќата. Вели: „Бев полна со самодоверба, пристигнав со многу багаж, спремна дека мора да ме примат“.



- Баба ми ми прати две штрудли со мак за да ми се најдат, да не бидам гладна, па со денови јадев само од нив. Тоа беше исто така шокантно за мене. Русија беше сиромашна во тие години, ама ние живеевме убаво и не ни беше проблем да си купиме убаво сирење, преубав путер и густо слатко млеко, од што се здебеливме по десет килограми. Уште од првиот ден многу ми помогна една баба што работеше на конзерваториумот, која ме испрати до студентскиот дом и  се фати за глава кога виде какви услови имаат студентите во таквите зданија. Но, сето тоа паѓа во вода кога ќе стигнете на конзерваториумот - објаснува професорката.

За приемниот требало да подготват кореографија, па теорија...
- Имавме подготовки пред тоа, а на приемен се појавив со еден розов цвет на главата, облечена во свила, по принципот на „поим немам колку не знам“. Но имав многу голема желба и ведрина. Тоа го виделе професорите - споделува Кери.

Учевме во театрите и на концертите

Таа била во класа со студенти од Полска, Виетнам, Италија и неколкумина Руси. Ја советувале пасошот да го чува многу внимателно зашто бил многу вреден.



- Имав двајца професори по кореографија кои сакаа да им бидам студент. Мојот прв професор беше Ѓорги Алексидѕе, кој потоа замина за Грузија, па ме презедоа двајца врвни педагози. „Римски Корсаков“ е првиот конзерваториум во Русија, основан е во 1862 година и првиот завршен студент е Петар Илич Чајковски. Секој ден бев благодарна што сум таму и не можев да замислам дека еден ден ќе си заминам. Јас дишев сто на саат. Отсабајле на часови, а навечер одевме на претстави од цел свет. Имавме привилегии што бевме студенти на конзерваториумот и лесно влегувавме во театрите. Беше бесценето еден Исак Давидович Гликман, кој предаваше историја на театарот и му беше кум на Шостакович, да го слушаме како ни раскажува анегдоти. Многу учевме низ пракса. На пример, кога имавме историја на уметност, одевме во музејот „Ермитаж“ и учевме на самото место. Ако имавме читање партитури, одевме на концерт и ги следевме партитурите и анализиравме. Да не зборувам дека имавме привилегија да има специјален оркестар и ансамбл за нас сместени во сала целата во мермер. Сите тие услови, сакале-нејќеле, нè мотивираа да се трудиме. Едноставно чувствувате должност и возвишеност кога пред вас стои слика или биста на Чајковски и на сите тие великани. Моите професори не сакаа многу да нè фалат и постојано велеа дека нашите дела ќе зборуваат - со радост се потсетува професорката по танц.


Аплаузи по магистерската претстава

Појадувавме кавијар

Во тие тешки времиња за Русија привилегии имале само заслужните артисти на Советскиот Сојуз, ама обичниот свет бил гладен.
- Мензите беа бедни, со понекој зеленчук, цвекло, па имаше највкусен боршч (руско национално јадење со месо и зеленчук). Немаше многу храна, ама и не размислувавме многу за тоа колку бевме гладни. Но, за среќа, како го учевме градот, ги дознававме и привилегиите што ги имавме што сме странци. Некогаш појадувавме црн или црвен кавијар со путер во хотел. Русите не можеа да замислат да си го дозволат тоа. Па најдовме гостилници кај што можеме слободно да влеземе и да јадеме поубаво. Ми беше многу интересно кога одевме во хотелот каде што Есенин, на пример, се среќавал со неговата љубов – Исидора Данкан и каде што подоцна се обесил. Исто така, сакав да го посетувам и омилениот ресторан на Пушкин, каде што му бил последниот оброк пред двобојот. Сите тие места Русите умеат да ги чуваат и од тоа да направат приказна, нешто што ние на Балканот, за жал, не знаеме да го направиме - искрена е професорката.



Била многу фокусирана на студиите, но и се дружела со колегите.
- Знаев дека пијам вода од изворот, тој багаж што го добив, начинот како се работи, каков пристап треба да се има кон луѓето. И немаше простор за импровизации. Во четврта година на студии во посета ни дојдоа врвни педагози од Америка (Горбачов во тоа време ги отвори границите). Јас знаев англиски јазик и им преведував. Им покажавме што работиме. И моите професори рекоа дека јас сум светска надеж. Ми понудија по студиите да заминам на Петта авенија на Менхетн, во некој театар. Но, дојдоа лоши години и почнуваше војната во Југославија и јас не успеав да стигнам до Америка - вели Невзати.

Поставила балет уште додека студирала

Таа била единствена од својата класа што добила шанса да постави балет уште додека студирала. Таа претстава се играла три години и ѝ била магистерска работа.
Со сите признанија и успеси, Невзати сепак се вратила во Белград, желна да му покаже на својот град што научила и да придонесе за културната сцена. Но, како што вели, следувале пет ужасни години во Народното позориште.



- За жал, многу од тоа што го научив не можев да го имплементирам во Белград. Пристапот кон мене беше сосема друг. Јас бев млада личност дојдена од Ленинград, единствена од Југославија што завршила на таа школа, а бев дочекана како непријател. Сплет на околности, Југославија почна да се распаѓа, јас се викам како што се викам и доаѓам во време на буквален фашизам, национализам и почнува една животна школа за мене. По искуството со Народно позориште, каде и да ме ставите ќе преживеам. Сѐ уште не можам да ја објаснам количината на омраза и национализам - објаснува Кери.



Народно позориште во Белград - ужасно искуство

Тогашниот управник на театарот, Велимир Лукиќ, ја вработил и набрзо во театарот почнале да договараат состаноци на ниво на сите оддели, драма, опера и балет, а темата била токму Кери. Од каде дошла, сигурно ја купила дипломата...
- Една балерина што подоцна доби орден за заслуги и борец за човекови права за мене изјави – не може ние на Шиптари да им даваме леб. Моето име им беше проблем. Еден ден договорија состанок, отидов во театар. Ѝ се јавив на мајка ми дека ќе се задржам, а таа, водена од својата интуиција, дошла во театарот и цел состанок стоела покрај вратата за да слуша. Јас навистина не знам што би направила денес кога моето дете би се нашло во ваква ситуација. Татко ми велеше „сѐ е во ред“, само кој ќе го врати времето. Не сакам многу да се сеќавам на тој период оти навистина ми станува тешко - признава Кери.



Таа воопшто не добивала шанси да поставува балети, но добивала ситни обврски. Секое утро се појавувала на работа, прашувала кои обврски ги има и ѝ кажувале да си оди дома. Подоцна ја смениле тактиката, па почнале и со потешки задачи, што за неа биле песна.
- Ми дадоа да го увежбувам ансамблот на „Дон Кихот“. Нешто за што треба да имате авторитет врз луѓето, а не да ве мразат. И мислеа дека ќе биде дебакл, но напротив. Сите сфатија со кого си имаат работа. На пробите дојдоа дури и жените од сметководството, да виделе како сама ќе се уништам себеси. Многу сакав да ја поставам „Жизела“, но имаше колешка која имала „ексклузивно“ право врз неа. Понекогаш ноќе им држев часови на балерини, без никој да знае. Дојде денот кога го прашав управникот кога ќе добијам шанса да поставам балет и тој ми рече: „Зарем не знаеш?“ Јас бев упорна да добијам одговор и тој ми рече: „Проблем е твоето име да стои на плакат“. Си заминав дома и реков: „Сега е веќе доста!“, во што ме поддржаа родителите - се потсетува таа.
Дури и медиумите пишувале за неа со наслови – „Војна во балетанки“, „Црна овца меѓу лебедите“...



Ѝ благодарам на Синоличка Трпкова

Во Скопје дошла сосема случајно во 1993 година. Се запознала со Синоличка Трпкова, која се понудила да ѝ помогне и ѝ договорила средба со тогашниот директор на Македонскиот народен театар.
- Синоличка тогаш беше ѕвезда и работеше во МНТ. Беше зима и паднаа страшни снегови. Јас задоцнив еден час на состанокот со директорот, доаѓав со автобус од Белград и тој одби да ме прими. Но, Синоличка не се откажа. Се сети дека им требало професор на ФДУ за танц. Ми договори средба со тогашниот декан Данчо Чеврески, кој веднаш ме прими. Никогаш нема да ѝ ја заборавам добрината на Синоличка, која во деветти месец од бременоста и среде зима се занимаваше со мене - искрена е Кери.
За да биде уште поинтересна нејзината приказна, од Белград ја побарале да се врати за повторно да работи. Направила една кореографија, но не прифатила да се врати засекогаш. Некои дури ѝ се извинувале за претходното неприфаќање.



Но, непријатни ситуации ѝ се случувале и во Скопје. Кога работела на проект со режисерот Слободан Унковски, каде што била втор асистент, пак доживеала непријатност.
- Еден ден ми велат дека нема сала, па работев во ходник, вториот ден работев на малата сцена, ама ми ја украдоа аудиокасетата, но јас пак не се откажав, одевме со варијанта со пеење. И третиот ден се обидувам да влезам во театар, а тој ми вели: „Не можете да влезете“. Ми покажа лист со забрана! Подоцна аплицирав со еден проект и ме одбија и уште еднаш не се ни обидов - раскажува Кери.
По сѐ што ѝ се случило, Кренаре Невзати нема гнев во себе кога зборува за неправдите. Токму неодамна, на 1 ноември, таа се погрижи за претставата со која беше одбележана 50-годишнината од основањето на ФДУ.
- Секогаш се прашувате дали сте направиле добар избор и дали е добро тоа што го работите. На 50 години од одбележувањето на ФДУ ми се врати многу љубов од некогашните студенти и колеги. Тоа ме прави најсреќна - завршува Кери.


Кери ја режираше претставата со која ФДУ го одбележа 50.роденден



Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Издвојуваме