X
 29.11.2025 Живот

Научници откриваат говорна карактеристика што укажува на Алцхајмерова болест

Раните знаци на Алцхајмерова болест може да се сокриени во начинот на кој лицето зборува, но сè уште не е јасно кои детали од нашата дикција се најкритични за дијагноза.

Истражување од 2023 година сугерира дека со стареењето, начинот на кој зборуваме може да биде поважен од тоа што го кажуваме. Истражувачи од Универзитетот во Торонто сметаат дека темпото на секојдневниот говор може да биде подобар индикатор за когнитивен пад отколку тешкотијата да се најде вистинскиот збор.

- Нашите резултати укажуваат дека промените во општата брзина на говорот може да одразуваат промени во мозокот. Ова сугерира дека брзината на говорот треба да се тестира како дел од стандардните когнитивни процени за да им помогне на докторите побрзо да го откријат когнитивниот пад и да им помогнат на постарите лица да ја поддржат здравата функција на мозокот - вели когнитивниот невронаучник Џед Мелцер.

Летологија - феноменот „на врвот на јазикот“

Летологија, позната како феномен „на врвот на јазикот“, се доживува и кај млади и кај постари лица. Со стареењето, особено по 60. година, наоѓањето на вистинските имиња за работите станува сè потешко.

За да ја испитаат причината, истражувачите побарале од 125 здрави возрасни лица на возраст од 18 до 90 години да опишат сцена со детали. Потоа им биле прикажани слики од секојдневни предмети додека слушале аудио дизајнирано да ги потврди или збунува.

На пример, ако учесниците виделе слика од метла (англ. broom), аудиото можело да каже „groom“, што им помогнало да се сетат на зборот преку рима. Но, истовремено, аудиото можело да понуди поврзан збор како „mop“, што привремено можело да ги оддалечи од вистинскиот одговор.

Брзината на говор како индикатор


Колку побрзо лицето зборувало во првата задача, толку побрзо давало одговори во втората задача. Овие наоди се согласуваат со теоријата за брзина на обработка која тврди дека општото забавување на когнитивната обработка е во основата на когнитивниот пад, а не само во забавувањето на меморијата.

- Јасно е дека постарите лица значително побавно ги извршуваат различните когнитивни задачи, вклучувајќи задачи за продукција на зборови како именување на слики, одговарање на прашања или читање напишани зборови - објаснува тимот.

- И во природниот говор, постарите лица имаат повеќе празни паузи или паузи помеѓу зборовите и генерално имаат побавно темпо на говор - додаваат тие.

Истражувањето покажува дека промени во говорот можат да ја откријат развојната патологија на Алцхајмеровата болест, дури и без очигледно когнитивно оштетување. Особено е корисно да се анализира говорот за време на тестови со одложено сеќавање на приказна.

Иако се потребни подолги истражувања за да се следат учесниците кои покажале побавно извршување на мемориските задачи, ова отвора сосема нови можности за разбирање на когнитивното здравје преку говорот.

Извор: Science Alert 
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот