X
 28.01.2019 Живот

По 82 години: Пронајден авионот на Амелија Ерхарт?

Истражувачите велат дека конечно е пронајден одамна изгубениот авион на пилотката Амелија Ерхарт, и тоа на островот Бука во Папуа Нова Гвинеја.

Ако ова е вистина, тогаш конечно ќе ѝ стави крај на мистеријата што со децении ја мачи јавноста - каде и како загина Ерхарт и каде се остатоците од авионот.

Истражувачите од проектот „Блу ејнџел“ го истражуваат местото 13 години и велат дека остатоците на островот дефинитивно може да се од авионот на Ерхарт, „Локхид Електра 10“. Ерхарт исчезнала додека се обидувала со авионот да го прелета светот. Таа и нејзиниот навигатор Фредн Нунан исчезнале на 2 јули 1937 година за време на летот од Папуа Нова Гвинеја до островот Хауланд во Пацификот. Нивната судбина е една од најголемите мистерии на 20 век, за која и понатаму се дебатира.

- Островот Бука се наоѓа на патот на кој веројатно отишле Амелија и Фред, а оваа област никогаш не била истражувана по нивното исчезнување. Сѐ што досега пронајдовме е во согласност со авионот со кој летала - вели Вилијам Снавели.

амелија
Фото: Wikipedia



Снавели ја трасирал рутата на Ерхарт од Лае во Папуа Нова Гвинеја, што била точка од каде што Ерхарт тргнала во својата последна етапа на летот. Истражувачите веруваат дека немала многу гориво, па можеби се одлучила да се врати назад на островот Хаулад. Нуркачите од Папуа Нова Гвинеја го прегледале тој дел од океанот повеќе пати. Успеале да пронајдат парче стакло од светло што има индиции дека припаѓа на типот на авион на Ерхарт.

- Авионот на Амелија имал специјални модификации направени за ова патување, а некои од нив се потврдени кај остатоците од авионот што неодамна беше пронајден - вели пилотот и инженер Џил Мејерс.

Но, проектот посочува дека остатокот од авионот со текот на времето еродирал поради водата и земјотресите.

- Иако не постои начин што со сигурност би кажал дека ова е дефинитивно авионот на Ерхарт, местото каде што е пронајден авионот можеби ќе даде дополнителни докази за решавање на една од најголемите мистерии на светот - вели Снавели.


Проектот „Блу ејнџел“ планира уште една експедиција напролет и тогаш планира да ја искористи најновата технологија.

Постојат голем број теории за тоа што ѝ се случило на Ерхарт. Една позната теорија вели дека починала на островот Никумароро, корален атол оддалечен 1.900 километри од островот Маршал. Биле пронајдени 13 човечки коски на овој остров по три години од нејзиното исчезнување.

Минатата година научно истражување тврдело дека има нови докази за тоа што ѝ се случило на Ерхарт. Ричард Јантц, професор по антропологија на Универзитетот во Тенеси, тврди дека е мала веројатноста коските откриени на Никумароро во 1940 година да се на Ерхарт, со оглед на тоа што форензичката анализа на остатоците направена во 1941 година покажува дека коските му припаѓаат на маж. Но, коските биле изгубени, така што оваа теорија продолжува да биде извор на дебата.

2
Фото: Screenshot/Youtube


Додека некои се уверени во оваа теорија, други велат дека таа починала на Мили, корален атол што исто така се наоѓа во близина на островот Маршал.

Секако, постојат и теоретичари на заговор кои користат матни фотографии за да докажат дека Ерхарт го преживеала летот и продолжила да живее во тајност, променувајќи го идентитетот.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот