X
 28.04.2021 Наша тема

Мила Билеска ќе студира физика на „Принстон“: Ако успеам да дадам одговор на некои од дилемите во науката, мојот сон ќе се оствари

Едноставно сакам да спознам сè од областа на физиката и да најдам решение за сѐ уште неодговорените прашања, бидејќи физиката ја сметам за основа на целокупното постоење и функционирање. Во различните нејзини гранки се содржи целата мудрост на универзумот. Пред нас стојат голем број дилеми, неодговорени прашања, и доколку успеам да дадам одговор на некои од дилемите во науката, мојот сон целосно ќе се оствари. А дотогаш ќе собирам знаење во текот на моите студии на „Принстон“, ќе поставувам прашања, ќе барам одговори и би сакала да ја цитирам мојата баба: „Мила, знаењето што ќе го стекнеш е само твое и има моќ да те однесе каде што ќе посакаш“, ни изјави Мила Билеска


Мила Билеска доби стипендија на Универзитетот „Принстон“. Од следната година ќе студира физика со посебен интерес кон теоретска астрофизика на престижниот универзитет во САД, лоциран во Њу Џерси. Вели дека отсекогаш сакала да ги проучува и да ги разбере законите на универзумот. Чувствува потреба да пронајде одговор на прашањата за нашата реалност и постоење, за принципите и силите на кои се заснова универзумот.

- Поради ова, како концентрација на моите идни студии ја избрав физиката со посебен интерес кон теоретска астрофизика. Стипендијата што ја добив ја покрива целата школарина, како и студентскиот престој во универзитетот. Ова достигнување е енормно и за мене претставува почеток на патот кој води кон нови знаења и искуства. Исто така, сето ова го поддржува моето верување дека успехот е независен од социо-економскиот статус, тој се реализира само со подготвеност за преземање ризици и посветеност кон целта. Веднаш по полноќ, на 7 април, нетрпеливо ги очекував резултатите од „Принстон“. Бев избезумена кога дознав дека сум примена со огромна стипендија. Горда сум на постигнувањето, но и задоволна дека сите мои долгогодишни напори резултираа во првично замислената цел. Тешко е да се опише чувството со зборови. Тоа е момент кога желбата што сте ја имале од мали целосно ви се остварува - ни сподели Мила, која е ученичка во скопската гимназија НОВА.



Постојана потрага по знаење

Вели дека за неа учењето не е обврска, туку задоволство.
- Сметам дека е привилегија што можам да ги проучувам и разбирам законите што владеат со нашата реалност, поточно универзумот. Следствено, ова верување ме обликуваше во посветен, амбициозен и вреден ученик. Доколку треба да издвојам едно нешто што ме доведе до успехот, тоа би било мојата љубопитност. Отсекогаш сум го гледала школото како медиум преку кој можам да стигнам до одговор на моите научни прашања. Поради ова, имам вложено многу труд за да напредувам во сите академски полиња. Мојата најсилна страна е токму тоа: неуморната потрага по знаење. Потребата за интелектуално напредување ја покрена мојата амбиција и ме насочи на патот кон остварувањето на целта - ни изјави Мила.

Како што нè информира таа, оваа година стапката на прием во „Принстон“ опадна повеќе од два проценти. Поточно, таа е една од 3,98% од апликантите што се примени.



- Овој процент е неверојатно мал, а уште помал е процентот на студенти на кои им е понудена целосна стипендија. Во изминатите години помалку од 10% од примените студенти се здобиле со целосна стипендија. Исто така, значајно е дека годинава има голем пад на прием на интернационални студенти, само 210 студенти, од кои само јас сум од Македонија. Си ветив себеси дека очекувањата засега ќе ги чувам пониско, но ќе дадам сè од себе да го апсолвирам целото знаење што ќе ми биде дадено, сите можности на кои ќе наидам или сама ќе ги создадам. Јас верувам дека секогаш постојат шанси, без разлика колку и да се мали, за да си го остварам својот сон, треба да дадам сè од себе. Оваа ја создадов кога ја пишував апликацијата за „Принстон“ и бев задоволна што во најчисто светло ги прикажав мојот потенцијал, достигнувањата и карактерот. Пред да го добијам известувањето, знаев дека сум дала сè од себе без разлика на резултатот. Сепак, морам да признам дека во мене имаше огромно чувство на исчекување, немир, поточно огромна желба да влезам во еден од најпрестижните универзитети во светот - потенцира Мила.



Апликација полна со академски и воншколски активности

Нејзината апликација е базирана на нејзините академски достигнувања, но истовремено и на волонтерските активности во кои е вклучена.

- Уште во втората година од моето средно образование јас бев на стипендирана летна школа во „Харвард“, каде што изучував напредна математика. Во текот на наредната година бев студент во реномираната кредитирана програма „Pioneer Academics”, каде што работев на научен труд со професори од врвни факултети. Исто така, во тој период учествував на „Наса спејс апс“, каде што се здобив со втора награда за моите теоретски скици на напредни мотори кои можат да го забрзаат вселенското летало до 80 отсто од брзината на светлината. Во текот на летото бев ученик во програмата на Young Yale Global Scholars. За жал, поради пандемијата, научната програма се одржуваше виртуелно и не бев во можност да го посетам „Јеил“. Покрај овие достигнувања, во моето училиште, НОВА, ги слушав најнапредните часови и како ученик од прва година почнав да полагам интернационални испити за одредени предмети. Голем дел од мојата апликација се фокусираше и на моите вонучилишни активности. Уште од самото формирање јас сум младински амбасадор во ,МУНА, Македонската организација која ги шири вредностите на Обединетите нации. Во оваа организација имам предводено многу проекти и често бев избирана да предавам на организираните состаноци. Покрај ова, активно волонтирам во организации како ,,Надеж“, кои се стремат да помогнат кон остварување еднаквост во општеството - ни сподели Билеска.



Нејзини два најголеми успеси се публикувањето на нејзин труд и учество како говорник на првиот SpaceTech Convention во Македонија.

- На конвенцијата ги презентирав моите идеи пред реномирани научници од целиот свет и компании кои се стремат да го ,,издигнат“ човештвото во вселената. Овој настан ми помогна да остварам контакти со врвни физичари и астронаутски инженери кои ми дадоа совети за моето понатамошно студирање и кариера. Друг аспект кој значително ја издвои мојата апликација е научниот труд кој е публикуван во Journal of Physics & Astronomy. Накратко, во трудот успевам да откријам економски поволен и точен начин на мерење на Планк-константата кој може да се искористи во голем дел од факултетските лаборатории - нагласува Мила.

„Принстон“ нуди неспоредливи академски можности

Како и за повеќето универзитети во Америка, апликацијата за „Принстон“ е прилично долга, но пред сè потребно е да ја полагате американската матура, т.е. SAT-тестот.



- За да влезете во престижен универзитет, потребно е вашиот резултат на тестот да спаѓа во најдобрите 1% од тестираните. Апликацијата за универзитетите во Америка се содржи од општ дел, во кој се наведуваат податоците и таканаречениот персонален есеј, во кој универзитетот треба да ги осознае вашите вредности и карактер. Понатаму, апликацијата за „Принстон“ се содржеше од уште неколку есеи чии теми ги опфаќаа моите академиски и воншколски активности. Исто така, задолжително е да се испратат три препораки од професори кои го опишуваат вашиот став кон учењето - информира таа.

Нејзината одлука да студира на „Принстон“ не е базирана врз престижот на универзитетот, туку врз неспоредливите академски можности што ги нуди.

- За разлика од останатите школи што се во познатата „Ivy“ лига, „Принстон“ има најголем процент на додипломски студенти. Поради ова, голем број ученици се инволвирани во напредни истражувања кои често добиваат финансирање. Со други зборови, „Принстон“ е многу посветен кон студентите што се запишани на додипломски студии, за разлика од другите универзитети кои приоритетот за научни истражувања го даваат на постдипломските студенти. Исто така, „Принстон“ е еден од ретките универзитети во светот што има посебен оддел на додипломски студии за астрофизика, кој е рангиран прв во Америка. Посветеноста кон науката, желбата за осознавање, научниот придонес се забележува и во тоа што научниците од „Принстон“ се најцитирани во светот и нивните трудови се успешни и иновативни во различни научни области - вели таа.

Се пронајдов во физиката

Кога станува збор за изборот на науката, таа вели дека уште како дете им се восхитувала на ѕвездите и космосот.
- Почнав да поставувам прашања, да барам одговори, кои пак ме поттикнуваа понатаму да трагам, да барам и да се восхитувам на сложеноста на универзумот. Честопати се прашував за настанокот и механизмите што управуваат со универзумот. Поради ова, во текот на моето средно образование интензивно се фокусирав на изучување на науките, особено математиката, со која прва се сретнав во текот на моето школување. Како љубител на математиката и мистериите, како се продлабочуваше моето знаење, се пронајдов во областа на физиката. И сега сѐ уште не сум сигурна што ми е поголем предизвик, квантната механика или астрофизиката. Едноставно сакам да спознам сè од областа на физиката и да најдам решение за сѐ уште неодговорените прашања, бидејќи физиката ја сметам за основа на целокупното постоење и функционирање. Во различните нејзини гранки се содржи целата мудрост на универзумот - истакнува Мила.



Успехот во науката ѝ е прв на списокот со намери и желби

Иднината си ја замислува со занимање кое ја проучува теоретската физика, а сѐ уште се двоуми помеѓу квантна и астрофизика.
- За мене, успехот е синоним на упорност и посветеност. Во понатамошното мое образование се стремам најпрвин да го надградам моето знаење и да ја задоволам мојата научна љубопитност. Понатаму имам желба да се истакнам како научник кој зад себе ќе остави богато интелектуално наследство кое ќе го унапреди човештвото во полето на науката и технологијата. Имам силна желба да го пронајдам одговорот на едно од најактуелните прашања во физиката: како да се обединат Општата теорија за релативноста и Теоријата за квантна механика, поточно да се пронајде решение на проблемот со квантната гравитација.
За мене, успехот во науката е првото нешто на мојот список со намери и желби. Со целото мое битие ги сакам науките, ме импресионираат нивните принципи, можности и моќ. Истражувачката работа ја сметам за начин на живот, мојот живот. Успехот во оваа академска сфера е тежок, но се постигнува со вредна работа и интелектуална жедност. Секое знаење, без разлика на тоа колку го сметате за „ирелевантно“, е бесценето богатство кое ви го проширува светогледот. Затоа, доколку имате интерес за проучување и истражување, уште денеска згазнете на патот до знаење. Со текот на времето вашите трудови ќе го достигнат посакуваниот квалитет и влијание врз академската јавност. Денес, светот е на ова ниво на развој токму поради истражувањата и напредокот во науката. Но пред нас стојат голем број дилеми, неодговорени прашања, и доколку успеам да дадам одговор на некои од дилемите во науката, мојот сон целосно ќе се оствари. А дотогаш ќе собирам знаење во текот на моите студии на „Принстон“, ќе поставувам прашања, ќе барам одговори и би сакала за крај да ја цитирам мојата баба: „Мила, знаењето што ќе го стекнеш е само твое и има моќ да те однесе каде што ќе посакаш“ - завршува Мила.

Фото: приватна архива
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема