X
 28.05.2025 Образование

Лани во Македонија дипломирале 7.021 студент, најмногу на УКИМ

На додипломски студии на високите стручни школи и на факултетите во Македонија во 2024 година дипломирале 7.021 студент, што претставува намалување за 5,4 % во споредба со 2023 година, соопштија од Државниот завод за статистика.

Оттаму додаваат дека од вкупниот број дипломирани студенти, 5.526, односно 78,7 % се редовни, а 1.495, односно 21,3 % се вонредни студенти, а дипломирани студентки се 59,4 %.

Од вкупниот број студенти, 35 % дипломирале во рокот, а 65 % по рокот.

Според она што го објави ДЗС, најмногу дипломци лани сме добиле во научните полиња бизнис, администрација и право (1.864) и здравство и социјална заштита (1.334).

Ако се разгледаат податоците на Макстат, може да се види дека лидер по бројот на дипломирани студенти лани бил најголемиот и најстар Универзитет „Свети Кирил и Методиј“ (УКИМ) со 2.515 одбранети дипломски, најмногу на Факултетот за информатички науки и технологии (ФИНКИ) - дури 387. По него следува Медицинскиот факултет со 283, па Филозофски со 272 и Економски со 245. Најмал број дипломци лани на УКИМ имало на Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг „Ханс Ем“ и на Православниот богословски факултет - по 4 на двата. По нив на листата со најмал број дипломци во 2024 година на УКИМ е Архитектонскиот факултет со само 7.

Универзитетот во Тетово (УТ) го зазема второто место со 999 дипломирани студенти во 2024 година. Таму најголем број дипломски се одбраниле на Факултетот за медицински науки (314), на Природно-математичкиот (116) и на Педагошкиот факултет (99).

На Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД) во Штип во 2024 година дипломирале 891 студент. Повеќе од една третина од нив зеле диплома од тамошниот Факултет за медицински науки - вкупно 335 студенти. Втор на листата со најголем број одбранети дипломски трудови при УГД во 2024 година е Факултетот за туризам и бизнис-логистика со 95, а третото место го зазема Филолошкиот факултет со 63.

По него следува Универзитетот „Свети Климент Охридски“ во Битола со 434 дипломирани студенти, најмногу на Факултетот за туризам и угостителство (99), Педагошкиот (62) и Економскиот факултет (60).

На Универзитетот „Мајка Тереза“ (УМТ) лани дипломирале 148 студенти, најмногу на Факултетот за социјални науки (78).

На Универзитетот „Свети Апостол Павле“ (УИНТ) во Охрид лани дипломирале 34 лица, од кои 14, што е и најголем удел, на Факултетот за компјутерски науки и инженерство.

Од приватните универзитети, лидер по дипломирани студенти за 2024 година е Универзитет Скопје (УС) со 481 дипломец.

дипломирани
Фото: Макстат (за поголема резолуција, кликнете на сликата)

Насловна фотографија: Freepik

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование