X
 28.06.2019 Технологија

Роботите ќе заменат 20 милиони луѓе во фабриките до 2030 година

Според анализата на компанијата „Оксфорд економикс“, 20 милиони работни места би можеле да ги преземат роботите до 2030 година. Луѓето што ќе останат без работа најверојатно ќе можат да добијат слични позиции во секторот на услуги.

Зголемувањето на автоматизацијата ќе донесе економски раст и повеќе работа, наведуваат од компанијата.

Секој нов индустриски робот успева да замени 1,6 работно место за кое се потребни најмали квалификации. Областите во кои работат луѓето со помалку вештини, што носат помалку приходи и имаат поголема стапка на невработеност, може да бидат најпогодени од оваа замена.

Фото: BBC

Работниците што ќе престанат да работат во директно производство, ќе преминат на други работни места, како транспорт, изградба, канцелариска и административна работа, што исто така се подложни на автоматизација, се наведува во истражувањето.

Во просек, секој новоинсталиран робот во области каде што работат помалку квалификувани луѓе би можел да доведе до двојно повеќе губење на работните места, со што се зголемува економската нееднаквост.

Слушнавме многу најави дека роботите ќе остават многу луѓе без работа, од луѓе во фабриките до новинари. Но, некои извештаи велат дека токму автоматизацијата ќе донесе повеќе работа.

Велат дека роботите ќе ги иселуваат работниците од фабриките во услужните дејности и дека посебно влијание ќе имаат во Кина каде што голем број работници ќе бидат заменети со машини. Додека работните места во услужните дејности, транспортот и градежништвото се во проблем, правниците не се бидејќи се висококвалификувани.

Предизвик за секоја власт е како да најде начин да ги поттикне иновациите што ги носат роботите и да се потруди новитетите да не направат поделба во општеството.

Истражувањето на „Оксфорд економикс“ објаснува дека оперативните работни места имаат најголема шанса да бидат автоматизирани. Работните места што бараат повеќе сочувство, креативност и социјална интелигенција ќе ги извршуваат луѓето уште неколку децении.

А луѓето на позициите како пратеници, бизнисмени и наставници мора да развијат вештини за да се приспособат на автоматизацијата. Околу 1,7 милион работни места до 2000 година во производството ги презеле роботите. Од нив 400.000 биле во Европа, 260.000 во САД и 550.000 во Кина, се наведува во истражувањето.

Фото: BBC

Се предвидува дека во Кина роботите ќе преземат најголем дел од работните места. Се планира до 2030 година да се пуштат 14 милиони индустриски роботи. Во Велика Британија неколку стотици илјади работни места ќе бидат автоматизирани.

Порастот од користењето на роботите ќе донесе 5 билиони долари бруто-домашен производ. На светско ниво работните места ќе бидат креирани во однос на оние што исчезнуваат.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија