X
 28.08.2018 Образование

Во половина од училиштата во светот нема вода за пиење

Речиси половина од училиштата ширум светот немаат вода за пиење, тоалети и мијалници за миење раце, поради што милиони деца се во опасност од разни болести, соопштија експертите од Светската здравствена организација (СЗО).

Околу 900 милиони деца се борат со недостаток од основни хигиенски услови во текот на своето образование, ставајќи го на тој начин во опасност своето здравје.

-Не можете да имате квалитетна околина за учење без тие услови - истакна Рик Џонсон од СЗО, кој е главен истражувач на проектот.

Тој додаде дека недостатокот од чиста вода и санитарни објекти може да предизвика дехидрација, болести, па дури и смрт.

Но, многу деца се принудени да го ризикуваат здравјето за да присуствуваат на настава, покажува извештајот изработен од УНИЦЕФ и СЗО. Во речиси една третина од основните и средните училишта нема безбедно и доверливо снабдување со пивка вода, со што се погодени 570 милиони деца. Околу 20 отсто од училиштата воопшто нема вода за пиење.

Нешто повеќе од една третина од училиштата немаат соодветни санитарни чворови, а едно од пет основни и едно од осум средни училишта нема никаков санитарен простор. Речиси половина од училиштата немаат соодветни услови за миење раце, што е неопходно за спречување на ширењето на инфекции и болести. Ситуацијта е најлоша во Субсахарска Африка, и Источна и Југоисточна Азија.

Сепак, експертите се оптимисти, а ситуацијата може брзо да се подобри ако светските лидери проблемот со водата и санитариите го постават како еден од своите приоритети.

Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование