X
 28.08.2020 Наша тема

ФИНКИ прави платформа за онлајн-настава за 300.000 корисници. Треба да биде готова за 20 дена

Наставата ќе може да се следи и со мобилен телефон. Но, за да може ученикот да напише домашна работа, полесно да чита, да решава тестови, потребен е компјутер. Нема да биде неопходен нов компјутер со јаки карактеристики, вели проф. Јакимовски

Унифицирана национална платформа за онлајн-настава со двонасочна комуникација во сите училишта во Македонија подготвува Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ). Целта е таа да биде готова до 15 септември и да може во исто време да опслужи 200-300 илјади корисници, вели вон. проф. д-р Боро Јакимовски, продекан за наука и соработка на ФИНКИ.

Минатата недела беше формирана работна група од претставници на ФИНКИ, Министерството за информатичко општество и администрација, а на средбата присуствувале и претставници од МАСИТ - Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии (ИКТ).


Вонреден проф. д-р Боро Јакимовски

- ФИНКИ и МИОА го оформија предлогот за единствена национална платформа за унифициран и координиран начин на онлајн-настава со двонасочна комуникација. Инфраструктурата и системот веќе се подготвуваат, а воедно се организираат и останатите организациски и координативни активности - вели Јакимовски за Факултети.мк.

Јакимовски објаснува дека на платформата наставниците лесно ќе можат да објавуваат наставни материјали, да прикачуваат содржини, надворешни ресурси, како и да поставуваат домашни задачи, наставни листови и сл. Платформата ќе биде интегриран систем во чии рамки наставникот ќе може да спроведува и онлајн-час на многу едноставен начин.

- Ќе направиме околина која ќе овозможи добро структурирање на содржините, каде што секој наставник ќе има слобода да ги доуредува содржините за своите ученици. Ќе се направат напори и за интегрирање на постојните содржини на автоматизиран начин. Платформата ќе биде хостирана на инфраструктурата ФИНКИ и МОН (со која управува ФИНКИ), при што ќе се изврши интеграција со останатите системи на МОН и ќе се обезбеди поедноставена администрација. Иако имаме големо искуство, ни претставува предизвик да се направи систем кој истовремено ќе опслужува 200-300 илјади корисници - вели Јакимовски.



Тој се надева дека набрзо ќе завршат со имплементацијата за што поскоро да се започне со обуки, а и да се изготват соодветни материјали и упатство за користење.

- Плановите ни се сè да биде подготвено до 15 септември, со некои активности да се заврши и порано, но поради комплексноста и обемноста на системот, можни се одложувања. Во секој случај, ќе има предизвици! Верувам дека преку соработката со ИТ-индустријата, телеком-операторите и надлежните институции ќе се изнајдат соодветни решенија - вели Јакимовски.

На прашањето кој е минимумот од опрема и технологија што секој ученик треба да го има дома за да може да следи настава, Јакимовски одговара:

- Наставата ќе може да се следи и со мобилен телефон, како за пристап до платформата така и за да се следи онлајн-наставата. Но, за да може ученикот да напише домашна работа, полесно да чита, да решава тестови, потребен е компјутер. Нема да биде неопходен нов компјутер со јаки карактеристики. Доволен е компјутер што се користи за стандардно канцелариско работење. Секако дека тоа ќе биде предизвик за семејствата со две, три и повеќе ученици, но со добро планирање можно е да се овозможи наставата да ја следат со еден компјутер .

Се планира во претстојниот период да се организираат средби и состаноци со наставниците и учениците, со цел да се добијат сугестии за подобрување на платформата. Исто така, пред да биде пуштена во употреба, ќе се направат пилоти во неколку училишта за рано да се увидат некои недостатоци, пред активно да се пушти во употреба. МАСИТ покажа иницијатива и ја става на располагање сета свој експертиза, со цел воспоставување подобра платформа.

- Немаме многу време, нема да биде едноставно, но не е невозможно - дециден е Јакимовски.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема