X
 06.07.2021 Образование

Во земјава има 50.881 студент, од кои повеќе од 8.000 студираат медицина

Бројот на запишани студенти во академската 2020/2021 година изнесува 50.881, со што се бележи намалување од 1,7 отсто во однос на 2019/2020 година, соопшти Државниот завод за статистика.

Податоците покажуваат дека најголем број студенти (вкупно 42.631 или 83,8%) се запишани на државните високообразовни установи, додека 15,5%, односно 7.905 се запишани на приватните високообразовни установи.

Прва година на студии, во академската 2020/2021 година, запишале 12.365 студенти или 24,3% (тука се опфатени и студентите што запишуваат прва година по втор, трет и повеќе пати).

Податоците покажуваат дека на најголемиот универзитет во Македонија, Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, студираат вкупно 22.489 студенти, од кои 21.388 се редовни. Во рамки на УКИМ, но и на ниво на целата држава, факултет со најголем број на студенти е Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство - каде студираат вкупно 3.800 лица и тоа сите како редовни студенти. Потоа следуваат Медицинскиот факултет со вкупно 2.824 студенти, Економскиот со 2.259, Филозофскиот со 2.152, Филолошкиот со 1.482 студенти, Правниот со 1.208, Факултетот за електротехника и информациски технологии со 1.076, Природно-математичкиот факултет со вкупно 1.068 студенти итн.

Втор универзитет според бројот на студенти е Универзитетот во Тетово, каде во академската 2020/2021 година биле забележани вкупно 7.631 студент, меѓу кои најбројни се оние кои студираат медицина (вкупно 2.787).

По него следува Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип со вкупно 6.951 студент, од кои дури 2.585 студираат медицина.

Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола има вкупно 3.485 студенти, па следува Универзитетот „Мајка Тереза“ со 1.237 студенти и најмалку студенти има Универзитетот за ИТ во Охрид, каде се забележани вкупно 307 студенти.

На Високата медицинска школа во Битола студираат вкупно 531 лице.

На православниот богословски факултет во скопје студираат 60 студенти, а на Факултетот за исламски науки 285.

студенти
Фото: ДЗС (printscreen)/Кликнете на фотографијата за поголема резолуција

Според податоците на ДЗС, од приватните високообразовни установи, најмногу студенти има Меѓународниот балкански универзитет во Скопје, каде се забележани вкупно 2.024 студенти, а по него следуваат Југоисточно-европскиот универзитет - Тетово со вкупно 1.660 студенти, Универзитетот АУЕ-ФОН во СКопје со 834 студенти итн.

Насловна фотографија: Архива

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование