X
 28.12.2022 Живот

Нема успешно решение за енергетиката без соодветен стручен кадар

Со чест на мали исклучоци, денес имаме консултанти и експерти за енергетика со скромно знаење добиено со помош на прочитани информации од разни извори од интернет, меѓу кои има и дезинформации. Дури и министерот за економија на РМ во јавно обраќање го употреби терминот „таканаречени експерти по енергетика“, но во неговата автобиографија https://economy.gov.mk/mk-MK/minister.nspx зборот енергија не постои, има универзитетска диплома за применети уметности и наука и плус повеќе специјализации за менаџмент.

Во текот на последниве дваесет години се отворија нови државни и еден куп приватни универзитети. Во ниту еден од нив нема студии за технички инженерски кадар, особено не за инженери по енергетика. Ако зборуваме малку пошироко за оваа проблематика, тогаш треба да се обрне внимание на посебни области во енергетиката кои имаат големи разлики. На пример: термоенергетика (и термотехника), хидроенергетика, електроенергетика итн. Слична споредба може да се направи во медицината кај докторите. Не може доктор ортопед да прави операција на око и сл.

Ниските плати на наставниот кадар на државните универзитети, особено на младите научни кадри (асистентите), имаат големо влијание врз сегашнава состојба во високото образование и наука. Познато е дека државава одвојува многу малку средства за научноистражувачка работа, велат помалку од 0,2% од бруто-националниот доход. Тоа значи дека нема финансиска поддршка за научната работа. Нема средства за учество на научни конференции, за патувања, за списанија, книги итн. Работава малку се ублажува со информации и публикации од интернет, но за главните и вредни извори на научни информации треба да се плати. А лабораториска опрема и сл.?

Но не може тука цела вина за оваа ситуација да се префрла само на државата. Според мене, универзитетите имаат голема автономија, во најголем дел од работите одлучуваат вработените наставници и асистенти. Но голем дел од нив не се посветени на работата како што треба, не е воспоставен систем на вредности, има и нереални рецензии, необјективни избори во звања, појави на непотизам, понекогаш влијание на политички функционери итн. Секако, не може сите да ги ставиме во еден кош, се разбира дека има и квалитетни и совесни кадри, но колку се тие? Впрочем, Шангајската листа за рејтингот на универзитетите во светот е потврда на последиците од многуте неправилности спомнати погоре.

Познато е дека во ЕУ и во други меѓународни институции има фондови за финансирање на транзицијата во енергетскиот сектор, особено во проекти за енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија. Тука мислам на истражувачка работа и примена на разни проекти во РМ, а не на подготовка на разни закони и прописи, или активности на невладини организации. Јас немам сретнато информации за такви проекти кај нас. Тоа е последица на недостигот на стручен и научен кадар во енергетскиот сектор, како и на (не)квалитетот на постојниот кадар. И онака има превработеност во државната администрација, eве предлагам еден солиден број службеници да се обучуваат како да се подготват апликации за добивање средства од разни меѓународни фондови, во соработка со наши научни институции.

Во РМ се подготвува стратегија за развој на енергетиката приближно на секои пет години, последната е направена во 2019 година. Во неа има корисни работи, но нема соодветна реализација од страна на надлежните органи на државата. Според мене, поради непредвидени настани, таа стратегија не соодветствува на денешната состојба во РМ и не ги дефинира вистинските потреби во следниот период, односно во иднината. Иако во неа се посочени и разработени три сценарија, тие треба да се преработат, односно да се направи еден вид комбинација и евентуално да се додадат некои нови елементи. Од една страна, поради нашата определба за влегување во ЕУ, се бара еколошки пристап на идниот енергетски развој, за кој РМ нема ниту финансиски средства ниту стручен потенцијал и капацитет да ги реализира. Од друга страна, постои длабока економска криза и слаба финансиска состојба на фирмите кои не можат да опстанат со високите цени на електричната енергија која мора да ја набавуваат на отворен пазар, односно со цени од меѓународните берзи.

Треба итно да се најде начин да се произведе електрична енергија во РМ со пониски цени кои ќе бидат прифатливи за македонските фирми. Во спротивно, голем број фирми ќе бидат затворени, а економската и социјалната состојба во РМ ќе се влошува дополнително.
Истовремено, треба да се интензивираат мерките за зголемување на енергетска ефикасност, со што би се намалиле потребите за енергија, особено во градежниот сектор и технолошките процеси во производството. Ова е детално опфатено во стратегијата, а постои и закон за енергетска ефикасност. На тој начин ќе остане повеќе енергија за работа на индустријата.

Има многу мерки и зафати што треба да се преземат во РМ. Се плашам дека немаме доволно стручен кадар и вистинска стратегија за енергетиката. А пари? Иако ги немаме, може да се обезбедат од разни меѓународни фондови, но и за ова треба знаење, добра организација и „вистински луѓе“. Има уште еден услов: да се спречи корупцијата и во енергетскиот сектор.

На хаосот од непознавање на реалните проблеми и привидно знаење се надоврзуваат и многу јавни медиуми кои пренесуваат информации за енергетика од секакви непроверени домашни и странски извори. Еве еден бисер од еден наш веб-портал: „...искусен стручњак од Србија препорачува дека најдобро за греење на простории е температурата да се одржува на 24оС“. Инаку, коректната температура за греење треба да биде на 20оС. А само за еден степен повисока температура се троши околу 7% повеќе енергија. Понекогаш погрешно информирање (или учење) доаѓа и од високи државни функционери. На пример, премиерот на РМ во врска со кампањата за штедење на енергија изјави: „...штедиме струја со греење на разумна температура до 22 Целзиусови степени “.

Автор: д-р Ристо Цицонков, редовен професор
Машински факултет - Скопје

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот