X
 29.05.2023 Образование

Нобеловецот Ден Шехтман промовиран во почесен професор на УКЛО

Универзитетот ,,Св. Климент Охридски“ - Битола му ја додели престижната академска титула Professor Honoris Causa. на проф. д-р Ден Шехтман од Израел, добитник на Нобелова награда за хемија во 2011 г.

На свечената церемонија во Офицерскиот дом во Битола, на 27.5.2023 г. ректорот на УКЛО, проф. д-р Игор Неделковски, му ги врачи на нобеловецот Шехтман инсигниите на Универзитетот – дипломата и одората за почесен професор.

1

На промоцијата ректорот Неделковски истакна дека титулата почесен професор ја добива светски познато име, признато во светот на науката и во меѓународната и развиена универзитетска заедница. Со ова почесно звање Универзитетот ја препознава улогата на науката и особено виталноста на хемијата, која зазема централно место помеѓу природните науки заради нејзиното економско значење и поради нејзиното постојано присуство во нашето секојдневие. Посакувајќи му срдечно добредојде во името на целата универзитетска заедница, ректорот, проф. д-р Игор Неделковски истакна дека Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола е релативно мал и млад универзитет во споредба со старите и моќни, не е исклучок од општествена улога што по дефиниција му е доделена - да биде авангарда во промовирањето на универзалните вредности, во промовирањето на образованието, науката, културата, особено во промовирањето на академската слобода, но и соработка преку различни процеси и механизми за градење партнерства, градење доверба... И токму тој факт добива посебно значење заради можноста да се идентификуваат, препознаат, промовираат и достојно наградат поединци, заслужни личности, но и признати припадници на пошироката научна и академска заедница.

На свеченоста, за професионалната и сестрана кариера на д-р Шехтман говореше претседателот на Рецензентската комисија, проф. д-р Анка Трајковска Петкоска, која истакна: „Д-р Шехтман е жив модел за сите нас. Денес имаме чест да научиме од него од прва рака. Неговата посветеност да обезбеди добро образование на младите генерации и неговиот претприемачки дух дадоа плодни резултати во матичниот институт Технион и низ целиот свет. Она што можеме да го научиме од него е дека без разлика од каде доаѓаме и без разлика на нашето минато или професија, треба да го дадеме најдоброто можно знаење и најдоброто можно едуцирање на младата генерација, истовремено да ги стимулираме и да ги поддржуваме во нивниот претприемачки дух, да ги научиме да сонуваат големи соништа, да не се плашат од неуспех и да не се плашат да побараат помош. Мораме да ја помогнеме нивната решителност, страст, упорност и одлучност, да ги следат и да ги остварат своите соништа“.

3

Во продолжение на церемонијата, официјалната одлука на Сенатот на УКЛО за доделување на звањето почесен професор ја прочита претседателот на Сенатот на Универзитетот, проф. д-р Николче Јанкуловски.

На настанот, проф. д-р Ден Шехтман одржа пристапно предавање, при што рече дека најважното нешто за една земја се луѓето и нивната свест. ,,Чест ми е што ја добив оваа висока титула од Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, го сретнав ректорот и претходно. Најважното нешто за една држава, национално богатство се луѓето, не земјата, почвата, тоа се луѓето и нивната свест. Тоа што ѝ треба на Македонија е економски успех што ќе го врати младото население повторно во земјата со цел да се направи тоа. Потребни се повеќе инженери и научници, а Универзитетот е токму местото каде што тие се подготвуваат. Инженерите и научниците, исто како и докторите по медицина и биолозите, може да отворат стартап. Јас доаѓам од мала земја, но таа е исклучително економски развиена и луѓето сакаат да се вратат во неа. Зошто? Заради економските стартапи. Имате прекрасна земја не само заради пејзажите, туку и луѓето се навистина прекрасни, имате паметни и љубезни луѓе, личат како населението во Израел, затоа што јадеме иста храна. Ова е моја прва посета во Македонија и се надевам ќе дојдам повторно“.

uklo

Свечената церемонија ја следеше министерката за култура, д-р Бисера Костадиновска-Стојчевска, градоначалниците од Битола и Прилеп, Тони Коњановски и Борче Јовчески, а присуствуваа и други истакнати претставници од академската заедница на УКЛО, личности од општествено-политичкиот и културниот живот во градот и Републиката.

Ова е првпат нобеловец да биде избран за почесен професор на УКЛО.

(Комерцијална објава)

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование