X
 01.12.2023 Образование

Ги запознаваме најдобрите научници на УКЛО во 2022/23 - проф. д-р Дијана Блажековиќ-Димовска, Факултет за биотехнички науки - Битола

Универзитетот „Св. Климент Охридски“ - Битола, по повод Меѓународниот ден на науката, ги прогласи најдобрите и најистакнати научници во академската 2022/23 во три категории.

Во категоријата најактивен научник доделена ѝ е благодарница на проф. д-р Дијана Блажековиќ-Димовска од Факултетот за биотехнички науки - Битола, за реализација на многубројни активности од кои дел се референцираат кон веб-порталите и базите на податоци на УКЛО.

Како гледате на иницијативата на УКЛО за избор на најдобри научници на Универзитетот?

Иницијативата за избор на најдобри научници на Универзитет претставува значаен механизам за стимулирање конкуренција и поддршка на интелектуалната елита. Преку оваа иницијатива се овозможува размена на идеи, креативност и интердисциплинарна колаборација. Клучот за успех е објективност и прозрачност во процесот на избор, осигурувајќи дека најдобрите научници добиваат можност за развој и влијание во своите области на истражување.

Кое е Вашето најголемо достигнување во полето на науката? Кој е Вашиот следен предизвик?

Вложувањето во младите е влог во иднината, колку повеќе вложуваме во нив, толку нашето општество е поздраво, темелено на цврсти основи. Тоа е моето мото и двигател, а воедно и достигнување во мојата професионална кариера која ја градам веќе 17 години, каде што секогаш на прво место се моите драги студенти со кои треба постојано да работиме, правилно да ги насочуваме и со нашите постапки и дела да им бидеме пример како треба да се движат по патеката на животот. Конкретно, меѓу многуте мои професионални и научни ангажмани би го издвоила раководењето на еден меѓународен научноистражувачки проект, каде што крајниот исход беа нови откритија од мојот потесен професионален домен, за нашата земја и науката, воопшто, со што ми се отворија нови врати кон Европа и светот.

Предизвик што ќе ме води во мојата понатамошна кариера е остварувањето на мојата единствена мисија, да работам во насока на поттикнување на младешкиот ентузијазам, предводена од мислата: „Вистинскиот учител поучува од своето срце, а не од книгите“ (анг. ”The real teacher teaches from his heart, not from the books”).

Што значи да се биде научник и што, според Вас, треба да се направи за да се овозможат попродуктивни процеси на научно инвестирање?

Да се биде научник значи активно посветување во истражувачката работа и вечна потрага по нови знаења. За успешни процеси на научно истражување, потребно е стратегиско планирање, соработка, критичко мислење, етичко постапување, добра комуникација, образование и менторство, финансиска поддршка, користење технолошки алатки и способност за приспособување кон новости и предизвици. Ова се клучни елементи за успешна научна кариера.

Поддршката во науката е поддршка на развојот на општеството. Во таа смисла, што ќе им порачате на Вашите колеги, пријатели и на студентите на УКЛО?

Поддршката во науката е крајно значаен инвестициски влез во развојот на општеството. Со нашето истражување и ангажмани имаме способност да го обликуваме и подобруваме нашето секојдневие, светот на нашите деца, идните генерации. Нека нашата работа биде водена од целите за национален и глобален напредок. Споделувајте знаења, поттикнувајте иновации и градете заедница на научници кои ќе дејствуваат тимски и ќе бидат предводници на времето што доаѓа.

Може ли да ни откриете што Ве прави среќни?

Науката е пат кон истражување и откривање на неизвесното, а самата неизвесност може да биде извор на среќа за научниците и истражувачите. Најголемиот извор на среќа за мене како наставник и научен работник произлегува од способноста да ги следам своите желби и интереси. Способноста да се биде фокусиран на области што ги возвишуваат и ги надминуваат границите на знаењето, секој експеримент претворајќи го во патека кон ново и непознато, создава немерлива енергија. Споделувањето знаења и искуства со колегите и студентите создава пат за размена на иновации и енергија, што лично го зголемува чувството за задоволство и исполнетост. Исто така, среќата на научниците и истражувачите не е само во постигнувањето на целите, туку и во препознавањето на важноста на нивната работа во општеството. Кога го гледаат својот труд како придонес кон знаењето и развојот на човештвото и светот, тоа им дава смисла и ги исполнува со почит и задоволство.

Дали имате идеја водилка, мото што Ви дава силна инспирација?


Откривањето е бескраен процес, а истражувањето е клучот што отклучува врати кон нови димензии на знаењето. Во науката, секој прашање е искра за нова идеја, а секое истражување е пат кон разбирање на неизмерните тајни на светот. Во истражувањето ние наоѓаме не само одговори, туку и многу прашања, што несебично нè води кон бескрајни можности.

Исклучително, страста кон истражувањето е мојата ѕвезда водилка, а мотото гласи: Ако планираш за година, посеј ориз; ако планираш за деценија, засади дрвја; ако планираш за цел живот, образувај луѓе (кинеска поговорка).

(Комерцијална објава)

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование