X
 29.06.2019 Наука

НАСА ќе бара живот на најголемиот сателит на Сатурн

НАСА најави дека во следните десет години ќе изведе мисија за испраќање автономни роботи на Сатурновиот сателит Титан, за кој се верува дека е најдобриот кандидат за вонземски живот во нашиот Сончев Систем.

Најавата на НАСА дека планира да испрати автономни роботи на мисија на најголемиот сателит на гасовитиот џин Сатурн за да бара вонземски живот ги возбуди и научниците и интернет-корисниците.

Мисијата, според НАСА, ќе почне во 2026 година и ќе бидат потребни 8 години за да се стаса до сателитот. Така, вселенското летало наречено „Драгонфлај“ на сателитот ќе стаса во 2034 година и тоа ќе биде најголемиот напор некогаш направен со цел откривање на тајните на најголемиот сателит на Сатурн, чие изобилство од органски соединенија, густа атмосфера и метански океани го направија најпотенцијалниот кандидат за наоѓање вонземски живот на друг свет во нашиот Сончев Систем.

Според НАСА, мисијата ќе користи повеќе видови летала за да ги проучи и анализира десетиците области на интерес за планетарните научници и астробиолозите. Роботите, како што истакнаа од НАСА, ќе бараат пребиотски хемиски процеси заеднички за Титан и Земјата, процеси за кои научниците веруваат дека природно ги предизвикале самоорганизирачките аминокиселини, а потоа и протеините, пред конечно да создадат едноклеточни организми, кои го создале животот на Земјата каков што го знаеме.

Роботите ќе имаат голем напредок штом еднаш ќе слетаат на Титан. Прво, густата атмосфера на планетата овозможува значително полесен лет. Во комбинација со значително помалата гравитација на Титан, која е помала од онаа на Месечината, роботот ќе може да прескокнува значителни растојанија на површината на Титан, овозможувајќи му да покрие значително поголем терен во текот на двегодишната мисија.

Условите за лет всушност се толку добри што дури и луѓето би можеле да летаат на површината, само кога не би замрзнале до смрт бидејќи температурата е околу -180 Целзиусови степени. Затоа НАСА треба да внимава и со роботите.

Титан е околина која е органски богата и личи на она како можеби изгледала Земјата на почетокот.

- Титан е аналоген на раната Земја и може да овозможи насоки за тоа како настанал животот на нашата планета - истакнаа од НАСА.

Оттаму додадоа дека инструментите ќе ги проучуваат и атмосферата на сателитот и површинските карактеристики, како и потповршинските океани и резервоари со течности. Дополнително, инструментите на „Драгонфлај“ ќе бараат и хемиски докази за минат или сегашен живот.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука