X
 29.07.2018 Технологија

Победниците на „Фин Хакатон“: Спиевме малку, ама за еден викенд научивме сѐ за јавните финансии

Разговаравме со Елена Јовчевска и Стефан Митески, претставници на двата победнички тима

Два тима победија на „Фин Хакатонот“, натпревар што го организира Министерството за финансии со цел да се создадат повеќе апликации преку кои граѓаните полесно ќе го контролираат трошењето на државните пари, но и ќе го разберат граѓанскиот буџет.
Тимот составен од Стефан Митевски, Ивана Ѓорѓиевска-Стојановски и Георги Михаилов има најдобра видео и мултимедијална игра. Најдобра веб-апликација, пак, понуди тимот составен од Елена Андреева, Теди Пејоски, Елена Јовчевска, Каја Стоилеска, Александар Трпески и Александар Бака Марковски. Разговаравме со Елена Јовчевска и Стефан Митески, претставници на двата победнички тима. Нивните иновативни решенија сите ќе може да ги видат оваа есен.



Јовчевска вели дека нивниот тим изработил иновативна веб-апликација. Се фокусирале на изработка на продукт кој ќе биде лесен за користење, визуелно богат и технолошки напреден.
- Притоа ги запазивме главните елементи на предизвикот, односно транспарентноста на податоците, едноставноста за користење, како и можноста за интеракција – вели таа.

Митески, пак, ни објасни дека ја изработиле играта „Koj сака да биде министер“.
- Изработивме и видео кое, пресликувајќи го буџетот на државата на буџет на еден просечен граѓанин, ги доближува дилемите што ги има еден министер за финансии. Преку двете решенија успеавме да објасниме комплексни економски термини – вели тој.
Министерот за финансии Драган Тевдовски ни изјави дека кај тимовите најмногу го одушевило тоа што сите за кратко време навлегле во јавните финансии.
- Најголем дел од нив не се по струка економисти и немаа предзнаења за буџетот. Темата на предизвикот се објави на буткампот - непосредно пред почетокот на Хакатонот. Така што овие млади програмери, инженери, многу добро се снајдоа и одговорија на предизвикот. Сите тие би биле и одлични економисти – рече тој.

Што ви овозможи учеството на „Фин Хакатонот“?

Елена Јовчевска: Дефинитивно тоа што го направи дистинктивно ова искуство за нас, во споредба со другите хакатони на кои сме учествувале, е неговата цел, како и организацијата. Одлична е шансата да се работи на решение кое би довело до подобрување на условите на ниво на цела држава. Дополнително за позитивниот впечаток придонесе и можноста да работиме во одлична работна атмосфера, како и помошта од одлични ментори, секој од нив со одлично искуство, што дефинитивно беше од огромна помош за нас и за останатите тимови.



Стефан Митески: Ние сме компанија што изработува софтверски решенија за осигурителните компании, а наш главен производ е Optimal Reinsurance Management (optimalreinsurance.com). Бидејќи спаѓаме во таканаречените финтек-компании, кога првпат слушнавме за хакатонот, веднаш одлучивме да се пријавиме. Условите и задачата беа дадени подоцна и бидејќи се работеше за мултимедијално решение, ни изгледаше како забавен предизвик. Како компанија, ќе добиеме можност да оствариме подлабока соработка со Министерството и, секако, да добиеме афирмација. Се надеваме дека нашата стручност ќе можеме да ја споделиме со Министерството и во други пригоди.

Какви се вашите очекувања од соработката со Министерството за финансии и Фондот за иновации и технолошки развој?

Елена Јовчевска: Од самиот почеток на „Фин Хакатонот“, па досега, целиот тим се здоби со одлични импресии од Министерството за финансии и Фондот за иновации и технолошки развој. Очекуваме да продолжиме со одличниот работен однос како и досега и, секако, со заедничка работа и посветеност да го реализираме крајниот продукт, на кој и работевме за време на натпреварот.

Стефан Митески: Очекуваме да сработиме серија видеа. Воедно, ќе треба да ја доработиме играта во детали и сето тоа да биде направено во постојана комуникација со Министерството во т.н. lean методологија. Ги запознавме вработените, така што очекуваме одлична соработка и многу позитивно искуство.



По што ќе го паметите ова натпреварување?

Елена Јовчевска: Сметам дека секој од нас на поинаков начин ќе се потсетува на овој натпревар. Мене ми останаа спомените на одлична тимска работа, адреналинска атмосфера, како и успешна колаборација со целиот тим задолжен за организацијата. Секако, огромно задоволство претставува и победата на натпреварот, но воедно и дополнителна мотивација и енергија, кои моментално ги насочуваме кон реализација на крајниот продукт.

Стефан Митески: Ние од старт бевме настроени на забава и интересно искуство. Условите на Хакатонот дозволуваа многу кратко напуштање на просториите, поради што ние се чувствувавме како во серијата La casa de papel. Научивме сѐ за јавните финансии, спиевме малку, имавме можност да се дружиме со одлични ментори и да имаме незаборавно искуство. Мораме да ги пофалиме вработените во Министерството што имаа врвна организација и беа секогаш тука за нас.


Победничките тимови на „Фин Хакатонот“
Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија