X
 29.08.2023 Образование

100 првачиња помалку од предвидениот број во Прилеп

За 100-ина е намален бројот на запишани првачиња во новата учебна година во 10. основни училишта во Прилеп. Пред стартот на новата учебна година, петте средни и десетте основни прилепски училишта се подготвени, ама наставниците и учениците ќе се снаоѓаат како знаат и умеат без сите учебници.

Едно од основните училишта во центарот на градот во просек запиша по 12 деца во одделение. За шест месеци во претходната учебна година родителите отпишаа 300 ученици и заминаа од државава. Во училиштата не се изненадени и за годинава.

- Во оваа учебна година првпат ќе зачекорат околу 700 ученици во прво одделение од предвидените 800 во единаесетте основни училишта, вклучувајќи го и музичкото училиште. Во прва година од средното образование, во петте средни училишта се запишуваат околу 730 ученици. Трендот на намалување на учениците продолжува и во оваа учебна година. Со воспитно-образовниот процес од предвидените околу 800 ќе започнат 700 ученици. Имаме намалување од 100 ученици, што е алармантно и нешто што се случува со години. Ситуацијата родителите да ги отпишуваат децата и да заминат во странство се случува во сите степени на образовниот процес, од прво одделение до четврта година во средното образование. Тој тренд продолжува. За шест месеци од училишните клупи се отпишани околу 300 ученици, што треба да нѐ загрижи и да го вклучи алармот кај сите за да се преземе нешто, и кај институциите и кај сите нас како поединци - изјави Гоце Бумбароски, наставник и советник за млади при прилепската локална самоуправа.

Ланската практика на скрипти и интернет-истражувања ќе се повтори во новата учебна година, што долгорочно се одразува на квалитетот на школството и образованието кај младите. Наставниците се чудат кој крај да го фатат. Некаде стигнале некои учебници, но недоволно.

-Поучени од минатогодишното искуство кога недостигаа голем дел од учебниците, претпоставка е дека и оваа година ќе ни се случи да немаме учебници или, можеби да добиеме материјали за работа, во еден учебник спакувани неколку учебници само за првото тримесечје, па повторно да доаѓаат учебници, пак ќе се снаоѓаме. Не знаеме како и кога ќе стигнат учебниците, ниту кои теми и содржини се опфатени во нив, а нашите годишни програми се веќе доставени до службите во училиштата. Навистина е неизвесно, а тоа влијае врз целиот образовен процес и на општеството и треба да се запрашаме што се случува - вели Бумбароски.

Извор: МИА
Тагови:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование