X
 17.06.2019 Наука

Што се случило за 21 година од создавањето на првите ГМО-култури

И покрај тоа што се одгледува и консумира повеќе од две децении, сè уште постојат голем број дезинформации и збунетост во врска со генетички модифицираната храна.

Истражувачите велат дека треба да се игнорираат митовите за генетички модифицираната храна, со оглед на огромниот научен консензус што вели дека генетички модифицираните посеви се безбедни за јадење и даваат огромни придобивки за земјоделството.

Додека доказите продолжуваат да се насобираат, контроверзијата околу генетички модифицираните растенија не исчезнува лесно, дури и ако предностите на генетички модифицираните посеви се сè повидливи.

Неодамнешната економска анализа на историјата на генетички модифицираната пченка отпорна на инсекти во Шпанија и во Португалија обезбедува нов долгорочен поглед на тоа колку генетички модифицираните организми може да донесат корист во земјоделството.

Земјоделскиот економист Грахам Брукс ја анализирал употребата на пченка отпорна на инсекти на Пиринејскиот Полуостров во текот на 21 година откако модифицираните семиња првпат биле воведени во Шпанија во 1998 година, а подоцна и во Португалија во 1999 година.

Пченката отпорна на инсекти, засадена во двете земји, била конструирана да биде отпорна на штетници.

растенија
Фото: iStock

Проширувајќи ги податоците од анализата на генетички модифицираните култури, Брукс истражувал како користењето на пченката отпорна на инсекти влијае врз приносот на култури и производство во Шпанија и во Португалија. Освен тоа, тој го анализирал влијанието врз животната средина - како што е намалено користење на инсектициди како резултат на отпорноста на културите на инсекти.

Според Брукс, во текот на 21-годишен период земјоделците што користеле технологија за генетичка модификација ги зголемиле своите вкупни приходи за 285,4 милиони евра преку производство на поголеми приноси од културите и заштеда на пари за инсектициди.

Додека инвестирањето во ваквиот вид пченка дошло со дополнителни трошоци за земјоделците кои саделе генетички модифицирани семиња, Брукс пресметал дека во текот на 21-годишниот период за секое евро инвестирано во семиња отпорни на инсекти земјоделците имале просечна добивка од 4,95 евра. Зголемувањето на севкупното растително производство било проценето на вкупно 1,89 милион тони пченка од 1998 година, што доаѓало и со други придобивки.

- Ова дополнително производство придонесува за намалување на притисокот врз земјоделците да користат дополнително земјиште за производство на култура - пишува Брукс во неговиот труд.

Во целиот период кога овој вид пченка била засадена во Шпанија и во Португалија, на овој начин биле зачувани околу 188.890 хектари земја што можеле да се користат за други земјоделски цели. Се разбира, уште еден значаен фактор во сето ова е намалувањето на користењето на инсектициди, со оглед на нивната отпорност на штетници.

Брукс проценува дека 678.000 килограми активна состојка биле заштедени во Шпанија - намалување од 37 отсто во споредба со количината што би била испрскана на конвенционалната пченка. Помалку прскање исто така значи и помалку користење возила. Во овој случај, се проценува дека околу 593.000 литри гориво биле заштедени само во Шпанија, со што се поштедила атмосферата од 1,58 милион килограми јаглероден диоксид. Брукс укажува на оваа сума, што е еквивалентна на загадување произведено од 980 возила во една година. Освен тоа, била заштедена и вода.

На крајот, овие позитивни резултати што се гледаат на Пиринејскиот Полуостров не се присутни секаде во Европа.

Најмалку 18 земји-членки на Европската Унија, заедно со Северна Ирска, Шкотска и Велс, забранија одгледување на генетички модифицирана пченка.

Во Шпанија и во Португалија приказната е поинаква, со намалување на употребата на пестициди и намалување на емисиите на фосилни горива.

- Оваа технологија за семињата им помогна на земјоделците да одгледуваат сè повеќе и повеќе храна, притоа користејќи помалку ресурси и намалувајќи го притисокот врз ограничените ресурси како што е водата - пишува Брукс.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука