X
 30.07.2025 Живот

Видео: Земјотрес од 8,8 степени во Русија - во тек евакуација на милиони луѓе во неколку земји поради цунами

Силен земјотрес што го погоди брегот на Русија предизвика предупредувања за можно цунами за голем дел од Пацификот, вклучувајќи ги Алјаска, Хаваи и западниот брег на Соединетите Американски Држави, објавија светските новински агенции.

Јапонија и Хаваи наредија евакуација. Нуклеарната централа Фукушима, оштетена од цунамито во 2011 година, престана да испушта третирана радиоактивна вода во Тихиот Океан.

Во Севернокурилскиот округ во Сахалинскиот Регион на Русија е прогласена вонредна состојба поради земјотресот и цунамито, објави регионалната влада. Земјотрес со магнитуда од 8,7 степени според Рихтеровата скала се случи рано утрово покрај брегот на Камчатка, што е најсилниот земјотрес во тој регион од 1952 година.

Според податоците од Федералниот истражувачки центар на Единствената геофизичка служба на Руската академија на науките, епицентарот се наоѓал на 149 км од Петропавловск-Камчатка и 361 км од Северо-Курилск.

По главниот земјотрес, регистрирани се уште 30 земјотреси. Последователните земјотреси со магнитуда до 7,5 степени ќе траат најмалку еден месец, предупредиле експертите.

Северо-Курилск, град во регионот Сахалин, бил делумно поплавен по земјотресот и последователното цунами. Локалниот оддел за хидрометеорологија и мониторинг на животната средина регистрирал бран висок до четири метри во регионот. Третиот, најмоќниот бран на цунамито ги откорнал бродовите од нивното пристаниште, кое било поплавено, како и локалното рибарско претпријатие. Неколку лица побарале медицинска помош, а исто така се урнал и ѕид во една од градинките на полуостровот, но во времето на инцидентот немало никој таму.

Според податоците на Министерството за здравство на Камчатка, сите повредени се во задоволителна состојба и без сериозни повреди.

Предупредување за цунами е издадено за речиси целиот источен брег на Јапонија, Индонезија и Филипините, како и за Хаваи и неколку американски држави на западниот брег. Како што објавува Си-ен-ен, повеќе од 1,9 милиони луѓе низ Јапонија се повикани да се евакуираат на побезбедни локации бидејќи брановите погодија различни делови од брегот.

Првите бранови го погодија Хаваи додека островите се подготвуваат за можно цунами до 3 метри над нормалата - и други земји околу Тихиот Океан се подготвуваат, а некои веќе ги чувствуваат последиците.

Во руската област е прогласена вонредна состојба, а видеата покажуваат како водата се пробива меѓу зградите, оштетувајќи ја индустриската инфраструктура и носејќи големи количини отпад.

- Силен земјотрес на Камчатка беше очекуван настан во последните 30 години, за него беа направени подготовки - изјави директорот на Институтот за физика на Руската академија на науките.


Гувернерот на камчатската територија, Владимир Солодов, нареди да се награди тимот на лекари од онколошката клиника, кои не го напуштиле пациентот за време на силниот земјотрес, туку ја продолжиле операцијата.

Претходно, министерот за здравство на регионот, Олег Мелников, известил за лекарите од онколошката клиника, кои ја завршиле операцијата, и покрај земјотресот што започнал. Снимките од безбедносните камери од операционата сала биле споделени на локалните социјални медиуми. На видеото ниту еден медицински работник не се помрднува за време на силното тресење, држејќи го пациентот и опремата, пренесуваат новинските агенции.

Извор: danas.rs

Фото: Screenshot „МЧС России“

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот