X
 30.08.2018 Технологија

Автономните автомобили ги почитуваат сите сообраќајни правила, но тоа знае да биде проблем



Инженерите од „Гугл“, односно од „Вајмо“, со години зборуваат дека автономните автомобили, односно компјутерите што управуваат со нив, се многу подобри и посигурни возачи од луѓето. Овие возила ги почитуваат сите прописи, одржуваат пропишана дистанца од автомобилот пред нив и се придржуваат до ограничувањата на брзината – нешта со кои можат да се пофалат многу мал број возачи.

Но, она што во теорија се покажало одлично, а тоа е придржувањето до сите правила во возењето, во практика не било сосема најсреќно решение бидејќи таквите возила во одредени ситуации претставуваат опасност за возачите што се навикнале да возат во „сива зона“ и да ги кршат правилата, па и од другите учесници во сообраќајот очекуваат слично однесување. На пример, на некои патишта каде што има мало ограничување на брзината возачите сметаат дека е нормално да се вози над ограничувањето, па често покрај непотребните пцости и нервозата, ги престигнуваат побавните од нив кои се придржуваат до правилата.

Вајмо“ и неговата флота автономни автомобили наскоро ќе станат службен такси-сервис во Феникс со оглед на тоа што нивните возила веќе долго време ја споделуваат улицата со луѓето.


Автономен автомобил на „Вајмо“
(Фото: Waymo)


Овие возила се покажале како проблематични во случај кога се приклучуваат на фреквентен автопат каде што има метеж и агресивни возачи кои често ја менуваат лентата, а како најчест проблем што возачите го нагласуваат е преголемото внимание на компјутерот. Имено, ситуациите кога автомобилите пред нив нагло и без предупредување скршнуваат настрана или, на пример, свртуваат полукружно и му ја пресекуваат лентата, го збунуваат компјутерот и наместо автомобилот благо да забави – тој нагло сопира. Таквото нагло сопирање не го очекуваат возачите зад автономните автомобили, поради што се евидентирани голем број судири.

Иако во ваквите ситуации виновници се невнимателните возачи кои не одржувале предвидено растојание, станува збор за проблем со кој треба да се позанимаваат инженерите на компјутерите во автономните автомобили.

Поради сите овие проблеми, кога такси-сервисот на „Вајмо“ ќе почне со работа (за што има дозвола за целосно автономно возење, што значи без сигурносен возач кој е подготвен да излезе во пресрет во ризични ситуации), во неговите возила и натаму на предното седиште ќе седи возач кој ќе внимава на евентуални грешки на компјутерот.    
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија