X
 09.04.2021 Наша тема

Намалете ја нервозата додека возите, особено пред полициски час! Брза помош во 30 минути реагирала и за седум сообраќајки

Имало ситуација кога во Скопје имало седум сообраќајки во интервал од половина час, велат од службата за Итна помош -194

Полицискиот час, кој повторно беше воведен од 10 март, забраната за работа на ноќните клубови, забраната за групирање на повеќе лица, се дел од мерките за заштита од Ковид-19 што се во сила. Што значат овие мерки кога станува збор за сообраќајните незгоди?

Д-р Маргарета Атанасовска-Трипуновска, специјалист по општа медицина во Итната медицинска помош во Скопје – 194, вели дека често укажуваат помош по сообраќајки пред да почне полицискиот час.

Пандемијата нè прави дополнително нервозни и нетрпеливи

- Животот во пандемија веќе подолг временски период донесе со себе вознемиреност, страв, несоница, расеаност, замисленост, намалена концентрација и намалена можност за брза реакција во дадени ситуации кога тоа е потребно. Со оглед на тоа дека во изминатиот исклучително тежок период ваквите промени се случуваат речиси кај секој од нас, тие се особено потенцирани непосредно пред почетокот на полицискиот час. Од тие причини, токму во тој временски интервал се забележува и зголемување на бројот на сообраќајни незгоди. Во тој контекст индикативно е тоа што од 21:30 до 22:00 часот, во периодот кога полицискиот час почнуваше подоцна, секој ден, а особено во викендите, екипите на Итната медицинска помош имаа зголемен број на интервенции при сообраќајни незгоди - вели д-р Атанасовска-Трипуновска.


Фото: Архива

Докторката додава дека пред имало ситуација кога имало седум сообраќајки во интервал од половина час.
 
Сообраќајните незгоди најчесто се случуваат низ населбите во помали и непрегледни улички или раскрсници, а за време на викендите и на патните правци што водат до викенд-населбите.
Досегашните примери на сообраќајни незгоди укажуваат на тоа дека најчесто причината за несреќата е невниманието.

- Најчеста причина е невниманието. Сепак, брзањето да се запази времето на почеток на полицискиот час, а секако можеби и помислата дека треба да се биде затворен дома, кај некои лица дополнително предизвикува тензија, што впрочем претставува и можеби главна причина за настанување на овие незгоди - вели д-р Атанасовска-Трипуновска.


Д-р Маргарета Атанасовска-Трипуновска

Таа објаснува дека досега во 99% од ситуациите сообраќајките во кои биле повикани на помош биле помеѓу моторни возила, односно автомобили. Таа вели дека искуството на вработените во брза помош низ годините покажало дека високите температури дополнително го зголемуваат бројот на сообраќајни незгоди, па аналогно на тоа по топлото време што ни претстои се очекува зголемување на незгоди и кај другите учесници во сообраќајот, како што се мотоциклистите, велосипедистите и управувачите на тротинети.

Ниска сообраќајна култура


Откако е воведен полицискиот час, не се случило во Итната медицинска помош да добијат повик за интервенција на сообраќајна незгода за време на полицискиот час. Ова ја покажува дисциплината на скопјани и почитувањето на една од клучните мерки за справување со коронавирусот.

Од Министерството за внатрешни работи велат дека во Скопје сообраќајни незгоди се случувале и за време на полицискиот час и нема критични точки на случување на сообраќајните незгоди.

За време на пандемијата, се зголеми бројот на сирените на амбулантните возила. Ја прашавме Атанасовска-Трипуновска дали учесниците во сообраќајот денес имаат повеќе обѕир кога ќе слушнат дека доаѓа брза помош - да застанат, да се поттргнат и да отстапат простор да помине возилото, што за болниот може да значи живот. Дали пандемијата ја разбуди човечноста во нас?

- За жал, сè уште сообраќајната култура кај нашите сограѓани не е на задоволително ниво. Многу често возилата на Итната медицинска помош имаат проблем во сообраќајот во смисла дека не им се дава предност кога одат со сигнализација. Со давањето предност на возилата на Итната медицинска помош што одат со сигнализација спасувате и многу други животи -  објаснува таа.

Насловна фотографија: Борче Поповски
Подготвил: Александра Овчарска Бела

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема