X
 30.09.2020 Наука

Контроверзниот план за спасување на арктичкиот мраз со посипување стакло

Забрзаното топење на мразот на Арктикот е последица на климатските промени, но исто така дејствува и како нивен катализатор.

Арктичкиот мраз брзо се топи под влијание на климатските промени, односно глобалното затоплување, што се забележува во последните неколку децении, но исто така дејствува и како забрзувач на овие промени. Како што се зголемува температурата, така мразот се топи, што доведува до зголемување на површината покриена со темно море наместо светол мраз. Темната површина привлекува уште поголема топлина, што топи уште повеќе мраз, со што се затвора овој круг и се забрзуваат климатските промени.

Овој јули научниците измерија рекордно ниски количини на мраз на Арктикот, а глобалните температури продолжуваат да растат до рекордни нивоа што можат да бидат поразителни за нашата цивилизација. Но, извонредните проблеми бараат такви решенија, а едно од нив е предложено од непрофитната организација „Арктик ајс проџект“.

Радикален геоинженеринг


Од организацијата предлагаат одредени делови на Арктикот да се посипат со високо рефлективен стаклен прав. Неговата улога би била да се прекине бесконечниот круг на затоплување на земјата и топење на мразот со намалување на загревањето на мразот. Експериментот покажа дека мразот, кога е покриен со мали делчиња од силициев диоксид со дијаметар од 65 микрометри, останува подолго замрзнат.

Посипувањето со овој прав би се направило во оние области што веќе ја изгубиле својата природна боја, односно каде што мразот веќе апсорбира поголема количина сончева светлина. Стаклените топчиња што „Арктик ајс проџект“ ги тестирале се исто така шупливи, па пловат на водата, што значи дека можат да го заштитат мразот дури и кога тој почнува да се топи.

Научниците веќе докажаа дека посипувањето со вакви честички е безбедно за рибите и за луѓето. Сепак, други научници предупредуваат дека ваквиот вид „геоинженеринг“ може да создаде нови проблеми. Блокирањето на светлината може да ја загрози популацијата на планктони зависни од фотосинтетиката, нарушувајќи го синџирот на исхрана на Арктикот, кој се базира токму на планктони.

Дополнителен проблем за ова решение претставува и фактот дека посипување на само еден дел од Арктикот, теснината Фрам помеѓу Гренланд и Свалбард, би чинело и до 5 милијарди годишно, со засега непознати последици за екосистемот. Лесли Филд, технолошки директор на проектот, вели дека нивното решение во никој случај не е замена за намалувањето на емисиите на стакленички гасови, туку дека тоа е само резервен план, односно претставува решение што би се користело само како последно средство.



Извор: Bug.hr
Фото: Wikipedia
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука