30.10.2025
Живот
Колумна: Центри за податоци за вештачка интелигенција и потребите за енергија (2 дел)
Потрошената електрична енергија (од чиповите) во центрите за податоци се претвора во топлина која мора да се одведува инаку ќе дојде до оштетување на серверите. Значи, мора да има систем за ладење кој троши околу 30 % од електричната енергија на центарот за податоци, зависно од околината на локацијата.
Поради пресметувањето со висока густина, се ослободува многу топлина околу чиповите која не може да се одведува со традиционалните (досегашни) системи за ладење (климатизација). Моментално се истражуваат нови технологии со понапредни системи на ладење. Се споменува ладење со течност директно во допир до самите сервери, индиректен систем на ладење, комбинирано со вода и воздух и друго. Дали ќе се дојде до некое ново решение што би било нова генерација на систем за ладење (климатизација) на центрите за податоци?
Со оглед на фактот што чиповите ослободуваат големо количество на топлина, треба да се разгледаат можностите за искористување на оваа отпадна топлина за греење за сопствени потреби, како и за некои соседни објекти.
Но се наметнува едно битно прашање, а тоа е потребата од голем капацитет на електрична енергија. Не може центарот за податоци за вештачка интелигенција да се гради денес во урбано подрачје кое е веќе оптоварено со голем број потрошувачи на електрична енергија. Се работи за капацитети од десетици (и над 100) MW. Но проблем претставува и локација надвор од град ако таму нема соодветна електроенергетска мрежа.
Ако се гради нов објект за производство на електрична енергија наменет само за центар за податоци, се поставува прашање каков да биде во поглед на видот на производство и/или гориво? Најдобро би било од обновливи извори на енергија (сонце и ветер), но тогаш има проблем со карактерот на работата која кај центрите за податоци е непрекината, мора да има електрично напојување постојано 24/7. И второ, производството од сонце и ветер е со променлив капацитет кој при ниски вредности не може да ги задоволи соодветните потреби, а ако има батерии, тие траат кратко време.
Оттука, сопствениците на центрите за податоци бараат најпогодно и најсигурно, но и поевтино решение за производство на електрична енергија. Моментално најмногу им одговара термоелектрана на природен гас поради цената и пократкиот рок за изградба. Во таков случај, треба да има во близина гасовод со доволен капацитет, а од друга страна, природниот гас е фосилно гориво што емитува јаглерод диоксид (СО2) кој е штетен, односно учествува во глобалното затоплување. Да не отвораме дискусија за користење јаглен кој е полош во тој поглед, а прави и локално загадување.
Следно можно решение е изградба на нуклеарна електрана, но како инвестиција таа е доста поскапа, а за нејзината изградба е потребно прилично подолго време (околу 10 години) и соодветни одобренија од државата. Досега нуклеарните електрани се градеа за капацитети од над 1.000 MW, а тоа може да биде преголемо за некои центри. Во тек е развој на мали нуклеарни реактори со капацитет под 300 MW, но тие се во почетна фаза со претпоставка дека ќе имаат висока цена кога ќе се појават на пазарот.
Ако на ова се додаде целокупната состојба со енергијата во светот, може да се заклучи дека состојбата многу се усложнува. Знаеме дека поради процесот на декарбонизација, во цел свет има зелена енергетска транзиција со која се преминува на користење електрична енергија (електрични возила, греење со топлински пумпи, индустриски процеси на струја итн.). Тука се мисли на производство од обновливи извори на енергија. Факт е дека последниве години има интензивни инвестиции во изградба на електрани на сонце и ветер, но нивната работа нема производство со постојан стабилен капацитет кој е потребен за центрите за податоци. Исто така, неповолен факт е дека за електрани на сонце и ветер потребни се огромни површини за нивно поставување.
Може да се заклучи дека центрите за податоци за вештачка интелигенција се големи потрошувачи на електрична енергија. Нивниот број и капацитет забрзано расте, но снабдувањето со електрична енергија е доста проблематично поради големиот капацитет и карактерот на нивната работа (24/7). Исто така, треба да се земе предвид растот на потребите за електрична енергија во другите сектори во светот поради процесот на електрификација. Поголема побарувачка ќе предизвика и повисока цена, а тоа кај народот и во бизнис-секторот е неповолен развој на настаните.
ПС: Во овој напис нема осврт на полемиките на дел од научните и политички кругови кои изразуваат негативен став кон развојот на вештачката интелигенција бидејќи може да има негативни последици врз денешната цивилизација, па дури и да излезе од контрола. Денешното економско и политичко уредување (капитализам) е такво што приоритет е профитот, а сѐ друго е второстепено. Конкретен доказ за тоа се климатските промени.
Автор: д-р Ристо Цицонков, редовен професор на Машински факултет - Скопје