X
 30.11.2021 Живот

„Света Злата Мегленска“ одбележува 25 години постоење

Вечерва во 20 часот, во фоајето на Националната опера и балет, ќе се одржи концертот „Света Злата слави“, со кој женскиот камерен хор „Св. Злата Мегленска“ слави 25 години јубилеј.

Од дирекцијата за култура и уметност на Град Скопје информираат дека со хорот ќе диригира Летка Димовска-Полизова, а гости на концертот се познатиот гитарист Влатко Стефановски, Сања Шуплевска на виолина, Орце Ицковски-фагот - камерен ансамбл „Полифонија“, Давор Јордановски - аранжман и клавијатури, Калина Велковска-Кали – вокал и Иван Еминовиќ на пијано. На концертот ќе бидат изведени дела од Прокопиев, Шуолевски, Скаловски, Зографски, Стојков, Лековски, Запров, Д. Имери, Д. Јордановски, Бортњански, А. Л. Вебер, Б.Б. Кинг, Лари Брајант.

Женскиот камерен хор „Света Злата Мегленска“ е формиран во 1996 година во Скопје при Македонската православна црква, со благослов на митрополитот полошко-кумановски, г. Кирил. Благодарение на своето над 25-годишно континуирано работење, „Света Злата Мегленска“ стана хорски културен храм каде што ги стави сите хорски жанрови во функција на афирмирање на домашните автори, композитори и аранжери. Приоритетен предизвик е афирмирање на првичните пројавувања на младите академски музичари, соло-пејачи и вљубеници во хорската музика, кои досега токму со хорот „Света Злата Мегленска“ го имале првото солистичко деби започнувајќи ја солистичката кариера (Ана Дурловски, Милена Арсовска, Катерина Стојановска, Ивана Здравковска, Ирена Крстеска...).

„Света Злата Мегленска“ во јавноста е познат како културен амбасадор и реализатор на низа меѓународни и државни фестивали, натпревари и концерти, но најкарактеристични и општо познати активности на хорот се организацијата на манифестацијата „Божиќ-Слава“, велигденски концерт „Воскресение твое“, византиско пеење „Јустинијан Први“, презентација на хорски дела на младите автори и поттикнување на творештвото на најмладите.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот