X
 15.10.2021 Образование

Одбележан голем и значаен јубилеј на Техничкиот факултет - Битола

На Техничкиот факултет - Битола се одржа пригодна cвеченост по повод јубилејот 60 години од основањето.

Едукативната дејност на Техничкиот факултет - Битола претставува завиден труд вложен во образовниот систем, благородна посветеност во функција на техничкиот и општествен прогрес на државата, истакна деканот на Техничкиот факултет - Битола, проф. д-р Стојанче Нусев. Говорејќи за значајноста на јубилејот, во своето обраќање тој истакна:

- Техничкиот факултет е меѓу водечките во реализацијата на научноистражувачката дејност, носител или партнер во голем број развојни и апликативни проекти. Воедно, во функција на обезбедување квалитетен високообразовен процес се 9. лаборатории, како и Сметачкиот центар и Мултимедијалниот центар. Денес, силата на Факултетот станува уште поголема со новата генерација професионалци во едукативната, апликативната и научноистражувачката работа, што го прави Техничкиот факултет - Битола меѓу водечките во државата. Силата на Факултетот утре, тоа се неговите 6.979 дипломирани студенти, 284 магистри и 64 доктори на науки, стипендисти на реномирани компании, добитници на најпрестижни награди и признанија меѓу кои Инженерскиот прстен, подмладок од интелектуален потенцијал во функција на општествениот прогрес, поради што Техничкиот факултет - Битола со право се нарекува Универзитет во мало, Универзитет за инженерство.

1

Како современик на постојани и многубројни предизвици, Техничкиот факултет перманентно ја унапредува научноистражувачката работа. Овој  голем јубилеј е во знакот на науката и одржување на третата по ред Меѓународна научна конференција „Транспортот во денешното општество“.

На одбележувањето на јубилејот на Техничкиот факултет се обрати и министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, кој го потенцира значењето на развојот на транспортниот сектор во државата и прифаќањето на нови трендови во транспортот како брз одговор на глобалните потреби. Тој подвлече дека современите трендови во овој сектор бараат нови иновативни решенија, особено сега кога целиот свет закрепнува од глобалната пандемска криза и ова се теми на кои треба да посветиме поголемо внимание, вие како стручна јавност и ние како политичари и заеднички да иницираме нови насоки во развој на транспортните политики во земјата. Министерот Бочварски посебно го нагласи партнерското место што го зазема Техничкиот факултет - Битола при реализацијата на наведените активности.
Од име на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, се обрати проректорот за настава, проф. д-р Љупче Кочоски, кој нагласи: - Свечениот собир на Техничкиот факултет - Битола претставува своевиден празник и за Универзитетот „Св. Климент Охридски“  - Битола.

Она што досега е сторено, особено во изминатиот период, претставува одлична основа за нови достигнувања и успеси благодарение на севкупните ресурси на Универзитетот, кој заедно со своите составни единици сѐ поактивно и сѐ посуштински е присутен во општествениот контекст, и паралелно со квалитативната надградба на академската дејност, со многубројни и разновидни активности ја надополнува пошироката општествена улога и според природата на својата мисија, ангажирано придонесува за афирмација на Република Северна Македонија и на меѓународен план. Овие нашите одредници сега се наши ориентири во периодот пред нас и во нив силно е вклучен Техничкиот факултет – Битола. Благодарение на нивото на научноистражувачката работа и придонесот на Техничкиот факултет - Битола, што е исто така голем и на полето на меѓународната соработка, Факултетот ја јакне својата препознатливост и препознатливоста на Универзитетот како евидентен доказ за образовниот и стручниот квалитет на Техничкиот факултет - Битола и на нашиот Универзитет.

2

Во рамките на јубилејното одбележување како поттик за идно академско усовршување и постигнување, Националниот комитет на Македонија во СИГРЕ му додели награда на најдобро дипломираниот студент во 2020/21, Марија Наумоска, од програма Електроенергетски системи на електротехничкиот отсек.

Воедно, Техничкиот факултет – Битола им додели и јубилејни плакети на поединци и институции со кои има долгогодишна и успешна соработка, меѓу кои на академик Глигор Каневче од Техничкиот факултет – Битола, професор емеритус на УКЛО.

Вториот дел од пригодната свеченост беше во знакот на третата по ред Меѓународна научна конференција „Транспортот во денешното општество“, значаен академски настан кој во наредните два дена ќе биде посветен на актуелни и суштествени теми за слободно движење на луѓето и стоките, сигурен и безбеден транспортен систем, подобрување на безбедноста на патниот и железничкиот транспорт, воведување ИТ-технологии, зелена мобилност, логистика насочена кон еколошки перформанси.

(Комерцијална објава)

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование