X
 30.12.2020 Наша тема

Новогодишни желби или одлуки: Од очај до благодарност

Многумина од нас никогаш не ни размислувале дека клучот за исполнувањето на новогодишните ветувања и желби е токму во нас

Автор: Д-р Мими Пехчевска, експерт за личен и организациски развој

Се ближат празниците, кога сите сме исполнети со зајакнати емоции, со проверка на нашите постигнати успеси, кроиме желби и планови за следната година. Имаме можност како никогаш досега да провериме колку цврсто стоиме на нозе и да си ги подредиме вистинските потреби по приоритет. Да размислиме подлабоко што сакаме и кон што се стремиме, а најважно од сè - колку сме истрајни во тоа.

Најсвечените ветувања обично си ги даваме пред крајот на годината, кога целата празнична еуфорија нè потсетува дека треба да промениме некои навики, нешто да додадеме, а друго сосема да избришеме од нашите животи.

Сигурно дека не е лесно да ги промениме нашите навики, но побитно е колку ќе бидеме истрајни во нивното остварување. И сосема небитно е дали тие ќе бидат запишани во понеделник или петок, на 1 или 15 следниот месец, дали ги имаме на хартија или не, за нас најбитен е моментот на нивното донесување.

Запрашајте се кои се вашите новогодишни желби и проверете дали во истиот миг ќе можете да ги излистате. Понекогаш ни се чини дека многу работи ни недостигаат, или дека би промениле низа од нив, но најдобро што може да направиме за себе е всушност нивното подредување во вистински и реални зашто само тие ќе нè однесат до она возвишено чувство на благодарност и исполнетост.

Секоја Нова година милиони луѓе низ светот прават лични новогодишни одлуки, да направат нешто различно, нешто подобро, нешто повеќе или помалку, да почнат или да завршат нешто, да се подобрат и зајакнат во некоја смисла.
Условот за нивно исполнување е само еден, да бидеме храбри и спремни за промените што ќе следуваат. Само кога ние ќе дозволиме да се случат промените, можеме да очекуваме дека ќе се случат.

Многумина од нас никогаш не ни размислувале дека клучот за исполнувањето на новогодишните ветувања и желби е токму во нас.
За остварување на нашите желби одговорни сме само ние и нашата доследност за нивното исполнување. Некои ги носиме сосема свесно, други додека се возиме во лифт, трети додека се тушираме, а за некои губиме повеќе време на нивното осмислување отколку на самото остварување.

Како никогаш досега имаме шанса рационално, без многу еуфорија да размислиме дали имаме нешто за што би биле благодарни во годинава што изминува. Живееме едно посебно време и наместо обични новогодишни желби, оваа година нè научи дека дојде ред да ги спроведеме одлуките од нашиот животен план.
Сите се соочуваме како со личен така и со општествен ризик, од аспект на лична безбедност, па сè до „нормално“ функционирање во нашето секојдневие. Предизвикани сме да ги спроведеме нашите животни одлуки или уште повеќе да провериме колку сме спремни за тоа.

*Авторката е и професионален тренер за личен и организациски развој и кариерен советник

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема