X
 31.01.2019 Живот

Погледнете како изгледа поларниот вител од вселената

Градовите низ американскиот Среден исток вчера буквално замреа бидејќи регионот беше погоден од бран на поларно студенило познат како поларен вител.

Најмалку седум лица загинаа во неколку сојузни држави како последица од ефектите од арктичкото невреме.

Во Чикаго и во Северна Дакота температурите паднаа на -30, односно -37 Целзиусови степени. Екстремно ниските температури ќе ги почувствуваат 250 милиони Американци, а 90 милиони ќе искусат температури од -17 Целзиусови степени и пониски.

Во среда ќе падне снег на широко подрачје од Големите Езера до Нова Англија, до 60 сантиметри во Висконсин. Прогласена е вонредна состојба во Висконсин, Мичиген и во Илиноис, па дури и во јужните држави длабоко во внатрешноста на Алабама и Мисисипи.

Причината е арктичкиот проток на воздух што се одделил од поларниот вител што инаку кружи над Северниот Пол.


- Ова би можело да ги сруши историските рекорди - изјави Рики Кастро од метеоролошките служби во Илиноис.

Во делови од Средниот запад се забележани неколку смртни случаи, вклучувајќи и човек кој бил затрупан од снег во Чикаго и еден кој замрзнал во гаража во Милвоки. Пред својот дом, од премрзнатост починал 82-годишен човек од Пекин, Илиноис.

Мразот и снегот на патиштата предизвикаа сериозни сообраќајни несреќи, а во погодените сојузни држави се затворени стотици училишта. Откажани се најмалку 1.300 лета, главно на аеродромите „О'Хара“ и „Мидвеј“ во Чикаго.

Националната железница Амтрак ги откажа сите свои возови од и кон третиот по големина град во Америка, кој е постуден од делови на Антарктикот. Во некои делови од десет сојузни држави, од Големите Рамнини до Средниот запад, американската пошта ги запрела сите услуги.

Поради ветрот, чувството на студ е уште поголемо. Во Чикаго -45 Целзиусови степени, а во Гранд Фокс во Северна Дакота рекордни -54 степени.

Националниот метеоролошки завод предупредува дека замрзнувањето во ваквите екстремно ниски температури може да настапи по само десет минути.

НАСА објави фотографија од поларниот вител од вселената. Погледнете како изгледа:

vrtlog
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот