X
 31.05.2018 Технологија

Дигиталните автомобилски таблички стануваат реалност



Калифорнија покрена пилот-програма за дигитални таблички на кои освен регистрациската ознака, ќе можат да се испишуваат и разни информации и пораки.


Дигитална регистарска табличка
(Фото: Reviver Auto)


Американската компанија „Ривајвер ауто“ на почетокот од годинава ја претстави првата дигитална регистарска табличка во светот, а како што тогаш беше соопштено, во план им беше во текот на 2018 година тие да се најдат на околу 100.000 автомобили.

Во суштината, „Ерплеј про“ е поедноставен таблет, заштитен од надворешни влијанија. Благодарение на можноста за поврзување, постои можност и за менување на написот или по потреба, да се додаваат и други информации. Лесно се монтираат на автомобилите, слично како и класичните таблички.

Добра страна на поврзаноста е што вклучува можност за онлајн-обновување на регистрацијата, без непотребно трошење хартија и лепење налепници.

Една од функциите на дигиталната таблица е што при паркирањето на автомобилот на неа ќе може да се испишува времето до кога е платено паркирањето.

Производителот наведува дека овие таблички ќе бидат од корист и во случај на кражба на автомобилот, затоа што ќе служат и како уред за следење на возилото. Сепак, на оваа можност не треба многу да се смета во реалноста, со оглед на тоа што крадецот едноставно може да ја извади табличката од автомобилот при кражбата.

Пилот-проектот го покрена калифорниското Одделение за моторни возила во соработка со производителот „Ривајвер ауто“. Дигиталните таблички ќе можат да се набават при купување на автомобилот кај продавачот, а како и секоја нова технологија, на почетокот воопшто нема да бидат евтини.

Цената на табличките со вклучени трошоци за вградување изнесува 699 долари, а услугата за месечно одржување е дополнителни 7 долари.

И покрај тоа, од компанијата веруваат во успехот на овој проект и истакнуваат дека дигиталните таблички ќе бидат популарни особено за службените возила на компаниите и фирмите, затоа што можат да се користат за рекламирање производи и услуги кога автомобилот ќе биде паркиран.

Во Одделението за моторни возила велат дека засега немаат јасни планови околу воведувањето дигитални таблички и дека пилот-проектот допрва ќе треба да ги покаже потенцијалните предности, по што ќе се донесе конечната одлука.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија