X
 31.10.2021 Наука

Никој не знае зошто сѐ повеќе крзнени фоки живеат на овој вулкански остров

Во последните неколку децении бројот на крзнени фоки значително се намали на Алјаска. Меѓутоа, нивниот број неочекувано расте на малиот остров Богослоф, кој всушност е врв на активен подводен вулкан.

Две години по последната ерупција, вулканот сè уште исфрла кал, пареа и сулфурни гасови, но крзнените фоки се сè помногубројни на плажите на островот. Географски, Богослоф е класичен дом за крзнените фоки. Поголемиот дел од околу 1,1 милион северни крзнени фоки живеат во источниот дел на Беринговото Море.


Фото: Богослоф/Wikipedia

Овие животни живеат во морето од ноември до јуни, а во текот на летото излегуваат на брегот за да се размножуваат и да се грижат за малите фоки. Тие се познати по своето дебело крзно, а имаат и уши. Сепак, останува мистерија зошто тие го преферираат овој вулкански остров во однос на десетина други ненаселени острови.

Првпат биле забележани на островот Богослоф во 1980 година и оттогаш експертите од американската Национална океанска и атмосферска администрација редовно ја проверуваат нивната популација.


Фото: Pixabay

До 1988 г., четири години по забраната за комерцијален лов на северните крзнени фоки, популацијата на овие животни во светот се намалила за повеќе од половина од проценетите 2,1 милиона единки во 50-тите години. Биолозите не знаат зошто бројот на единки не се вратил на старото ниво оттогаш, но можни причини се риболовот, опасноста од китови убијци, болести или промени во екосистемот.

Кога станува збор за Богослоф, во 2015 година биолозите ја процениле годишната стапка на раст на нови единки на нешто над 10 отсто и изброиле околу 28.000 млади крзнени фоки. Проценката за 2019 г. веројатно ќе биде над 36.000 млади единки.

Една од причините за привлечноста на островот можеби е достапноста на храна во длабоките води во близина на островот.

Извор: Index
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука