X
 01.11.2017 Култура

Мистерија што го стресе светот: која е Бабушката?

Со црвена марама околу главата и во окер-палто – Бабушка беше сведок на убиството на Кенеди, но никој не можеше да ја најде...

На фотографиите направени за време на атентатот врз американскиот претседател Џон Кенеди во ноември 1963 година е прикажана жена која има фотоапарат во рацете и го фотографира настанот, додека луѓето околу неа бегаат барајќи засолниште. ФБИ ја барало таа жена, но нејзиниот идентитет, како и фотографиите што ги сликала, никогаш не биле пронајдени.

Веднаш по атентатот, истражителите на ФБИ и на ЦИА почнале да ги испитуваат луѓето што се нашле на местото на настанот и од сите присутни земале изјави. Тоа особено се однесувало на оние што ги снимале или сликале настаните во тој ден, при што нивните апарати биле запленети во интерес на истрагата.

Иако со слаб квалитет, тие фотоматеријали сепак се користеле како докази кои безброј пати биле проверени. Во паниката што следувала по пукањето повеќето луѓе се засолниле на побезбедни места, затоа што не се знаело од која страна доаѓаат истрелите.

Она што јасно и недвосмислено е прикажано на повеќе фотографии е приказ на жена која држи нешто слично на камера пред своето лице, вперена точно кон придружбата на претседателот кога се испалени истрелите. Со оглед на тоа што стоела многу блиску до улицата, може со сигурност да се заклучи дека имала одличен поглед, па затоа нејзините фотографии се сметале  за многу важни.

Жената била невообичаено облечена за тој ден: имала марама околу главата иако не врнело дожд, ниту пак имало силно сонце. Во палто во окер-боја, со средна висина и посилна физичка градба, набрзо го добила прекарот Бабушка според руската национална кукла.

Иако се појавува на неколку фотографии, ниту една не го открива нејзиното лице во доволна мера за да може јасно да се идентификува.

Со внимателно изучување на фотографиите, истражителите уочиле дека Бабушка на ниту една од нив не открива страв или возбуденост, за разлика од сите околу неа.

Целата хајка околу потрагата по неа не вродила со плод – ниту самата се пријавила ниту била пронајдена, а некои од теориите одат дотаму што ја внесуваат како помошник во заговорот за ликвидирање на американскиот претседател.

Беверли Оливер во 1970 година дошла во полиција тврдејќи дека таа е таканаречената Бабушка и дека фотоапаратот ѝ бил запленет од ФБИ уште на самиот ден на атентатот. Иако првично се чинело дека тоа е решението на мистеријата, Оливер погрешила во чекорите – изјавила дека нејзината камера била модел кој почнал да се користи многу подоцна. Освен тоа, испитувањата на сведоците и анализите на фотографиите покажале дека вистинската Бабушка била повозрасна и покрупна од Оливер.

Постојат разни теории дека Бабушка не држи во рацете фотоапарат, туку двоглед, и затоа не им пристапила на агентите на ФБИ. Постојат и такви што сметаат дека Бабушка била руска шпионка која знаела за атентатот, а најинтригантен е фактот што едноставно исчезнала од лицето на Земјата!

Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура