X
 02.09.2018 Технологија

Научник повеќе од 10 години ги проучувал социјалните мрежи, па објаснува како се сменил светот

Социјалните мрежи, без разлика дали станува збор за „Фејсбук“, „Твитер“ или „Инстаграм“, се во секој дел од нашите животи. На нив се потпираме за да контактираме со пријателите, за да видиме дали некому му е роденден и да видиме што се случувало на тој ден во минатото. Но, колку е тоа добро за нас и дали има нешто што може да го замени и што можеме да научиме од тоа?

Истражувачот на социјални медиуми, професорот Аксел Бранс од Технолошкиот универзитет во Квинсленд, повеќе од десет години го разгледувал секторот на социјалните медиуми во Австралија и пошироко.

- Кога започнавме „Фејсбук“ сè уште беше мала мрежа користена претежно од страна на студенти на американските и универзитетите во светот. Оттаму се прошири и се смени и демографијата. Порано беше платформа за многу помлади луѓе, а сега таму има и баби и дедовци - објаснува тој.

Исто така, мрежата се вметна во начинот на кој функционираме.

- Логиката и вокабуларот од социјалните мрежи се проширија во општеството - додава Бранс.

Но, како што видовме од скандалот со „Кембриџ аналитика“, социјалните медиуми можеби и не се утопијата на приближување на светот. Бранс предупредува дека треба да сме загрижени за одредени видови дезинформации, односно нешта кои намерно се лажираат за да се постигне некое политичко влијание.

- Тоа се стории кои се целосно измислени, но имаат моќ да го погодат мислењето на публиката - вели тој.

За жал, компаниите што ги поседуваат социјалните мрежи не им помагаат на истражувачите да го истражат ова, а Бранс ги нарекува „црни кутии“ на информации.

- Во време кога има толку многу грижи за улогата на социјалните медиуми во општеството - како лажни вести, злоупотреба, потсмевање - неверојатно е проблематично никој надвор од платформите да нема релевантни информации за тоа што се случува - вели професорот.

Аксел Бранс
Фото: Science Alert

Сепак, големото прашање е што понатаму? Дали гигантските компании што ги поседуваат социјалните мрежи се во нашите животи засекогаш? Бранс не е толку сигурен.

- Во моментов не гледам расположение за промена. Мислам дека големиот проблем е што корисниците, сите ние инвестиравме многу во тие платформи и сите наши мрежи на пријателства се на овие платформи. Мислам дека на крајот може да има промена ако се појави нова алтернатива која се претставува на паметен начин како корисна алтернатива - истакнува Бранс.

Како и да е, светот е безмерно променет од социјалните мрежи и со тоа ќе мораме да се справуваме уште најмалку неколку години.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија