X
 03.04.2021 Наука

Руски и американски научници „ги одвикнуваат“ комарците од пиење крв

Руски и американски научници собрале геном на комарци со цел да ги „одвикнат“ од пиење човечка крв или пренесување паразити кои предизвикуваат маларија, објави Истражувачкиот универзитет за информатички технологии (ИТМО) со Санкт Петербург.

Геномот на комарците, кој го собрале научници од Русија и од САД, се смета дека ќе ја олесни борбата против маларијата. Новите податоци ќе помогнат да се најдат регионите на гените одговорни за преносот на болеста.

Во истражувањето, кое почнало во 2018 година, учествувале експерти од Политехничкиот институт во Вирџинија, Универзитетот „Џорџ Вашингтон“ и Универзитетот ИТМо. Трудот е објавен во списанието „Гигасајенс“.

Стекнатото знаење ќе помогне да се влијае врз одредени видови, така што комарците кои носат маларија ќе престанат да пијат крв и да пренесуваат паразити. Претходно научниците имале само референтен геном на еден вид, „Anopheles gambiae“, а сега имаат уште два вида африкански комарци „Anopheles coluzzii“ и „Anopheles arabiensis“.

- Собирањето на геномот на маларичен комарец е задача со средна тежина. Од една страна, тој има прилично голем геном - околу 300 милиони симболи, и е десет пати помал отколку кај луѓето. Бидејќи мала количина генски материјал се добива од еден комарец, користевме материјал од целата колонија, односно ДНК на многу поединци што влегуваат во секвенцерот (уред што се користи за одредување на редоследот на нуклеотидите во ДНК-молекулот). Како резултат, ги гледаме сите индивидуални разлики на комарците што треба да се израмнат со цел да се собере референтниот геном - вели Антон Замјатин, соработник на Научниот и едукативен центар за геномскa разновидност, ИТМО.

Komarec
Фото: Freepik

Геномот бил изолиран на Политехничкиот универзитет во Вирџинија, каде што се чуваат цели колонии на инсекти за експерименти. Потоа експертите од ИТМо почнале да ги составуваат. Руските научници планираат нови проекти поврзани со составување референтни геноми на други видови маларични комарци.

Вкупно 400 видови инсекти се карактеризирани како маларични комарци, но 30 вида се сметаат за вектори на маларија.

Маларијата се пренесува преку паразитот Plasmodium, кој се пренесува од комарци на луѓе при убод. За да се избориме против болеста, важно е да разбереме како се создаваат разлики на генско ниво во однесувањето на исхраната на комарците-носители и нивните побезопасни „роднини“, нагласуваат универзитетските експерти.

Извор: Sputniknews.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука