X
 04.04.2017 Култура

Помалку познати факти за животот и делото на Микеланџело

Славниот Микеланџело живеел и творел пред 500 години, но неговите дела сè уште се инспирација за многу уметници ширум светот. Сепак, постојат некои помалку познати факти за животот и делата на овој прославен гениј, кои ги објави LolWot.

Го презирал бањањето

Наводно, кога починал, морале да ја стругаат облеката од неговото тело; ете толку долго ја носел истата. Бил познат по тоа дека не сакал да се бања, што вклучува и перење и преслекување на износената облека.

Најинтересни автопортрети

Неговите автопортрети се интригантни и даваат можност да се погледне начинот на кој уметникот се перцепирал самиот себе, а можат да се најдат на најнеобични  места. На пример, своето лице го насликал на парчето кожа што во раката го држи Бартоломеј на сликата Последниот суд.

За малку нема да работел на Систинската капела

Иако денес се почитува како еден од најголемите уметници во историјата, не го сметале за таков отсекогаш. Неговите колеги, ренесансните сликари вклучително и великиот Рафаело, чувствувале толкава закана од талентот на Микеланџело, па го убедиле папата Јулие да го вработи со надеж дека така ќе ја саботираат неговата кариера, затоа што пред сè тој бил скулптор. Микеланџело за малку ќе ја одбиел понудената работа за сликање на Систинската капела, затоа што за себе размислувал како за скулптор, но на крајот се согласил и го создал едно од најголемите ремек-дела на ренесансата. На капелата работел четири години и докажал дека е во самиот врв на тогашниот уметнички свет.

Љубоморен соперник му го скршил носот

Во тинејџерските години, Микеланџело живеел и студирал во куќата на Лоренцо де Медичи. Многумина му завидувале на талентот што го пројавувал, а еден од нив бил и Пјетро Ториџано, кој го удрил и му го скршил носот.

Бил сакан и почитуван

Освен колегите кои му завидувале на талентот и не го сакале, другите луѓе многу го почитувале и сакале славниот уметник, заради што и го добил својот прекар – Il Divino, што во превод значи „божествен“. За разлика од многу други големи уметници чија работа посмртно им била вреднувана, Микеланџело бил почитуван и сакан за време на својот живот.

Статуата на Давид ја изработил од отфрлено парче мермер

Едно од најпознатите дела на Микеланџело, познатата статуа на Давид, ја изработил од парче мермер кое претходно некој друг скулптор го отфрлил како недоволно квалитетно. Микеланџело го пронашол оставениот мермер во една фирентинска катедрала.

Умрел богат

Славниот уметник бил скржавец и кога умрел имал имот вреден 50.000 форинти, што денес би вределе околу 35 милиони долари.

Бил и поет

Иако за него размислуваме како за сликар и скулптор, Микеланџело бил и брилијантен поет. Напишал повеќе од 300 сонети и мадригали. Многу негови песни биле посветени на еротски и духовни теми, но неретко ја истражувал и мистиката.

Работел  до последната недела пред својата смрт

Ретко кој живеел како стариот Микеланџело. Починал на своја 88-годишна возраст, а активно работел и творел сè до последната недела пред својата смрт. Последните години од својот живот ги поминал во Базиликата на Свети Петар, а последните денови пред својата смрт работел на скулптурата на Исус кој во рака го држи Дева Марија – со назив Rondanini Pieta.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура