X
 04.04.2021 Технологија

Телефоните ги споделуваат нашите податоци на секои 4,5 минути, дури и кога не ги користиме

Телефоните на „Андроид“ и ајфоните споделуваат податоци со нивните компании на секои 4,5 минути. Податоци се испраќаат и кога не го користите телефонот, пренесува „Ајриш тајмс“ повикувајќи се на ново истражување од колеџот „Тринити“ во Даблин.

Во истражувањето се покажува дека постојат мали разлики помеѓу „Епл“ и „Гугл“ кога станува збор за собирањето податоци од мобилните телефони. Во него се вели дека ајфоните не нудат поголема приватност отколку уредите на „Гугл“, иако мобилните телефони на „Гугл“ испраќаат повеќе податоци до компанијата отколку оние на „Епл“.

Во просек, еден мобилен телефон „гугл пиксел“ кој не се користи испраќа 1 мегабајт податоци до компанијата на секои 12 часа. Кога станува збор за ајфонот, се испраќаат 52 килобајти податоци за истиот период. Меѓу другото, телефоните испраќаат податоци за внесување на СИМ-картичка, податоци за серискиот број на уредот, интернет-адреса и телефонски број.


Фото: Pixabay

Даг Лит, автор на истражувањето, вели дека овие компании собираат многу информации кои се чини дека се непотребни дури и кога ги користиме телефоните само за повици. Според него, разочарува фактот дека „Епл“ собира многу податоци со оглед на тоа што компанијата зборувала многу за приватноста на своите корисници во минатото.

Во истражувањето Лит открива и дека мобилните телефони освен што собираат податоци за активноста на уредот, истото го прават и за уреди во близина кога телефонот е приклучен на интернет-мрежа. Конкретно, ајфоните испраќаат податоци за уреди што се на истата мрежа како и телефонот.

- Тоа значи дека „Епл“ би можел да следи кои луѓе се во ваша близина, а и кога и каде. Тоа е многу загрижувачки - вели Лит.

Тој додава и дека корисниците немаат опција да го исклучат ова собирање на податоците.

Автор: Сиера Обрајан
Извор: irishtimes.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија