X
 04.08.2023 Наша тема

Јелена Спиревска дипломира на Филозофски со 10,00 и сака да го истражува бронзеното време

Мојата цел е да навлезам што повеќе во истражувањето на оваа сфера од археологијата, што би придонело до подобро осознавање и многу нови информации во врска со религиозниот живот на предисториските заедници на овој простор, но и пошироко, вели Јелена

Јелена Спиревска е избрана за еден од најдобрите студенти на УКИМ. Вели дека е голема чест и одговорност да се биде најдобар студент на Филозофскиот факултет. Патот да дојде до ова признание е исполнет со многу труд, посветеност, учење. Наградата претставува еден потсетник на „слатките маки“ и целиот вложен труд во текот на студиите, но и мотивација за уште поголеми залагања, работа, успеси и доказ дека ништо не е невозможно доколку се потрудиме и веруваме во себе, смета Јелена.

Дипломира со просек 10,00


Како одличен ученик во основно и средно образование, уште во средношколските денови сфатила дека ја интересира Филозофскиот факултет и оттука без дилеми е нејзиниот конечен избор за продолжување на образованието.



- Како студент на Институтот за историја на уметноста и археологија, секојдневно се соочував со нови предизвици, желби, амбиции, страст и начини да дојдам до нови информации и сознанија во врска со истражување и подобро осознавање на минатото. Огромната љубов кон археологијата и желбата за знаење и нејзино проучување, препознаени и од страна на професорите, кои како врвни ментори и предавачи несебично го пренесуваа своето знаење и ме мотивираа за повеќе, е она што, на почеток речиси несвесно, ме доведе до просекот 10.00. Потонувајќи во многубројната литература, копнеев да дознам што повеќе за некоја култура, нејзиното материјално богатство со кое оставила своја трага, и специфичност со која се одликува и се издвојува од другите култури. Голема улога во ова имаше мојот интерес за предисторијата. Тоа ме наведе да се запишам и на постдипломски студии на Филозофскиот факултет од областа на праисториска археологија - споделува Јелена. 



Сака да го истражува бронзеното време

Нѐ информира дека посебен интерес кај неа побудил периодот на бронзеното време, а особено планинските светилишта на карпести врвови од тој период.

- Мојата цел е да навлезам што повеќе во истражувањето на оваа сфера од археологијата, што би придонело до подобро осознавање и многу нови информации во врска со религиозниот живот на предисториските заедници на овој простор, но и пошироко. Би сакала да го продолжам своето образование тука, што би резултирало и со соодветно вработување, но секогаш сум отворена за нови предизвици и соработки, така што постои можност и за продолжување на студиите во странство - додава Јелена.



За да се задржат студентите дома, таа смета дека треба да се препознаат квалитетите на сите студенти што се издвојуваат со својот успех и да се одговори на нив. Да им се овозможат подобри услови за надградување на нивното образование, како и можности за вработување, со што би се зголемила нивната мотивација да работат на себе и да придонесат што е можно повеќе за нивната област.



Фото: приватна архива
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема