Зошто некои луѓе им нанесуваат болка на другите, додека други, во исти околности, избираат сочувство? Ова прашање, кое со векови ги мачи филозофите, денес сè повеќе го осветлуваат психологијата и невронауката. Истражувањата покажуваат дека злото не произлегува исклучиво од „лош карактер“, туку од комбинација на општествени околности, авторитет и функционирањето на мозокот.
Експериментот на Милиграм со електрошокови
Уште во 60-тите години американскиот психолог Стенли Милграм од Универзитетот „Јејл“ покажа колку се подготвени луѓето да повредат некого ако тоа им го нареди авторитет.
Во неговиот познат експеримент од 1963 година, дури 65 отсто од учесниците продолжиле да применуваат „електрошокови“ врз лице за кое верувале дека чувствува болка само затоа што друго лице во бел мантил им рекло да го сторат тоа.
- Обичен човек кој ја извршува својата должност, без непријателска намера, може да стане учесник во ужасен деструктивен процес - напишал Стенли Милграм во „Послушност кон авторитетот“.
Неколку години подоцна, Филип Зимбардо го спровел познатиот „Затворски експеримент“ на Универзитетот „Стенфорд“, во кој студентите биле случајно поделени во улоги на затвореници и чувари. По само неколку дена, „чуварите“ станале насилни и садистички настроени, па експериментот бил прекинат.
Невронауката додава уште една димензија: погледот во мозокот открива дека причините за насилството не се само општествени или морални, туку постојат структури и мрежи што придонесуваат.
Истражување објавено во „Журнал оф неуросајнс“ во 2018 година покажа дека стимулирањето на дорзолатералниот префронтален кортекс (dlPFC) ги намалува агресивните намери кај учесниците.
Што ја намалува способноста за донесување морални одлуки?
- Зголемената активност во овој дел на мозокот води кон поголема самоконтрола и помала желба за одмазда - наведуваат авторите на истражувањето.
Понатамошни истражувања покажале дека луѓето со помал волумен на сива материја во истиот дел на мозокот се посклони кон импулсивно и антисоцијално однесување.
Баналноста на злото
Иако невролошките фактори се важни, општествениот и моралниот контекст остануваат клучни. Уште во 1963 година филозофот Хана Арент предупредила на „баналноста на злото“ во својата книга „Ајхман во Ерусалим“.
- Најголемото зло во светот често го прават обични луѓе кои не размислуваат за тоа што го прават - пишува таа.
Токму таа рамнодушност и слепа послушност кон авторитетите, како што покажуваат истражувањата, често стојат зад најтешките злосторства, од воени злосторства до секојдневно семејно насилство.
Ризиците, но и моралната одговорност
Психолозите нагласуваат дека разбирањето на корените на злото не е оправдување, туку предуслов за превенција. Биолошките предиспозиции не значат морално ослободување.
Зајакнувањето на емпатијата, емоционалната писменост и на моралната одговорност во семејството и образованието се смета за најефикасен начин за намалување на насилството.
- Во секој човек постои и херој и злосторник. Од нас зависи кого ќе храниме - вели Зимбардо за време на неговиот ТЕД-говор во 2008 година.
Извор:
n1info.hr
Фото: Unsplash