Поранешни еврејски синагоги што биле оставени празни во текот на нацистичкиот период сега се реновираат и се претвораат во барови и ноќни клубови. Трендот е особено впечатлив во последните десетина години.
Во 2013 година една синагога во Краков беше претворена во ноќен клуб, а потоа во бар именуван „Хевре“, кој е декориран согласно еврејското минато. Во 2012 година барот наречен „Миква“ беше отворен во Варшава на место каде што порано имало миква (бања за ритуално капење). Слични трендови може да се забележат и во Западна Европа. Синагога стара 207 години во Девентер, Холандија, наскоро ќе стане ресторан.
Ваквите трендови предизвикуваат различни реакции во општеството. Критичарите ги напаѓаат претприемачите дека несоодветно ги искористуваат религиозните објекти, додека, пак, поддржувачите веруваат дека ова е добар начин за зачувување на местата и знак за почит кон Евреите.
Според студија на Фондацијата за еврејско наследство од Лондон, пред Втората светска војна во Европа имало околу 17.000 синагоги. Досега само 3.318 од нив се идентификувни, а само 762 сѐ уште функционираат.
Некои од структурите што биле идентификувани од фондацијата, особено во поранешните комунистички земји, се претворени во домови. Некои станале капели, а во Познањ, Полска, има и базен сместен на локација каде што порано имало синагога. Во многу случаи еврејските заедници ги продавале зградите или добивале компензација за нив. Во други случаи, еврејските заедници сѐ уште ги поседуваат и ги издаваат.
Од вкупно 2.556 згради во Европа што порано биле синагоги, но веќе не функционираат, најмалку една третина се во лоша состојба. Од функционалните синагоги помалку од 10 отсто се во лоша состојба.
Роберт Сајтлава, менаџер на „Синагога кафе“, објаснува дека одлуката за реновирање на синагогата и задржување делови од еврејското наследство потекнува од чувството за обврзаност.
- Би било многу полесно и поевтино за мојот шеф да најде друга поубава зграда, која не е уништена и не е на листата за презервација како оваа, и да си отвори кафуле - вели тој.
Но, неговиот работодавец потрошил милиони долари за реновирање, за кое биле потребни години за да може нешто од
еврејската заедница да остане.
- Мислам дека е убаво - вели Сајтлава.