X
 05.07.2020 Живот

Три месеци не си ги гушнале децата без маски, што им порача проф. Драган Тевдовски на своите студенти. Ова се темите за кои пишувавме неделава

Како живеат веќе три месеци лаборантите кои секој ден земаат брисеви од пациенти што имаат симптоми на Ковид-19, маката на студентите кои сфатиле дека многу нивни работи се украдени од нивните соби во студентскиот дом „Стив Наумов“ додека траеше вонредната состојба, какви биле студентските денови на д-р Владимир Плавевски, што им порача проф. Драган Тевдовски на своите студенти преку видеопорака. Ова се темите што ги истражувавме неделава.


Лаборантите од ГОБ „8 Септември“

„Секое утро се будиме со надеж дека ќе има помалку пациенти, но реалноста брзо нѐ освестува“, велат лаборанти во Централната биолошката лабораторија при ГОБ „8 Септември“ во Скопје. Се надеваат дека пандемијата ќе заврши наскоро, дека ќе можат да ги гушнат и бакнат децата без маска и страв дека може да им наштетат. Но, покрај заморот и стравот што го чувствуваат, преовладува и разочарувањето и чувството на немоќ. Ова е приказната на три хероини и нивните колеги, кои три месеци живеат во немир и неизвесност, откако Градската општа болница е претворена во ковид-центар.


Проф. д-р Анита Грозданов

Технолошко-металуршки факултет е образовна институција каде што се раѓаат нови идеи, материјали и инженери. Фантастичните својства на наноструктурите кои се применети во нови технолошки решенија и уреди секојдневно го разубавуваат и многу го олеснуваат животот на луѓето во 21 век, вели д-р Анита Грозданов, редовен професор на ТМФ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Со неа разговаравме за можностите што им ги нуди ТМФ на студентите, за нивните достигнувања, соработката со колегите од странство.


Д-р Владимир Плавевски (десно)

Рубриката „Кога бев студент“ му ја отстапивме на д-р Владимир Плавевски. Станал „доктор“ уште пред формално да ја заслужи титулата. Децата од маалото во кое растел така го завикале оти најмногу од сите се грижел за укажување прва помош кога се јавувале рани и крвави колена. Д-р Плавевски, ОРЛ-специјалист во пензија, е личност со многу приказни и афинитети за многу области – од мал пишува, посакувал да биде и драматург, а фотографијата е негова голема љубов.



Студенти сместени во студентскиот дом „Стив Наумов“ во Скопје се жалат дека им недостигаат многу лични работи од нивните соби, кои биле украдени во периодот додека домот не работеше. Кражбите се случувале во сите згради на домот. Студенти се револтирани бидејќи им фалат алишта, обувки, ќебиња, постелнини. Нивните искуства прочитајте ги тука.



Што ветуваат двете најголеми партии во Македонија, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ и нивните партнери, како и дел од албанските партии за образованието? Квалитетно образование, вложување во инфраструктура, покачување на платите за наставниците, повеќе пари за науката, подобри учебници и наставни програми, европско образование... се само дел од ветувањата што може да се најдат во нивните програми.




Рубриката „ДАЛИ ЗНАЕТЕ“ ѝ ја отстапивме на првата актерка во Македонија. Поголемите македонски професионални театри постојат по седум децении - Македонскиот народен театар (1945), Народниот театар во Битола (1944), Драмскиот театар (1945). Но, не почнало сè со нив. До моментот додека да дојде до нивна институционализација, требало да се изоди долг пат. Не се отвориле академиите и факултетите затоа што на некој така едноставно му текнало. Како и во сите дејности, така и во театарската, прво требало да се развие љубов кон сцената, или театарскиот аматеризам.


Проф. д-р Драган Тевдовски

Почнавме со објавување видеопораки од професорите за кои студентите на нашата онлајн-анкета одговорија дека заслужуваат пофалба за својот труд што го вложиле во организирањето на онлајн-наставата. Најмногу пораки со пофалби од студентите за онлајн-наставата доби професорот Драган Тевдовски, редовен професор на катедрата за математика и статистика на Економскиот факултет. Видете што им порача на студентите.

Проф. д-р Виктор Стефов / Извор: Youtube

Македонија е единствена земја во Европа што 10 години немала конкурс за национални научноистражувачки проекти. По тоа сме единствени во Европа и многу пошироко, вели проф. д-р Виктор Стефов од Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет во Скопје. Со повеќе научници во земјава го отвораме прашањето каков е третманот на науката во Македонија и како тоа влијае врз рангирањето на нашите универзитети во светски рамки?
Подготвил: В.И.И. / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот