Бруталното силување и убиство на четири тинејџерки во Остин, Тексас, во 1991 година е тема на новата документарна серија „Убиствата во слаткарницата во Остин“, во продукција на Ејч-би-о, во режија на реномираната Маргарет Браун. Злосторството, кое со години ги прогонувало семејствата на жртвите и ги збунувало истражителите, длабоко го обележа идентитетот на овој американски град.
Како што вели Браун, случајот станал нераскинлив дел од Остин.
Иако режисерката претходно била запознаена со случајот, идејата за серија од 4 дела потекнала од актерката Ема Стоун и нејзиниот сопруг Дејв Мекери, кои ѝ го предложиле проектот на продукциската куќа „A24“. Браун работела на серијата повеќе од три години, интервјуирајќи истражители, како и родители, браќа и сестри на убиените девојки.
Соочување со незамислива траума
Работата на ваква тешка тема оставила длабока емотивна трага врз филмската екипа. Иако Браун и претходно работела на проекти со сериозна содржина, признава дека не била подготвена за интензитетот на овој случај.
- Бев ужасната. Не знаев колку ќе ме погоди тоа што со часови разговарав со членовите на семејствата. А потоа си помислив: ако мене ми е вака тешко, како им е ним - изјавила режисерката.
Освен сведоштва, Браун успеала да дојде до мошне значаен архивски материјал, меѓу кој и снимки од испрашувањето на четворица тогаш обвинети тинејџери. Посебно вредни се покажале снимките на документаристката Клер Хју, која години претходно се обидела да сними филм за случајот, но се повлекла бидејќи приказната емотивно ја скршила.
Меѓу тие снимки се наоѓа и интервју со Роберт Спрингстин, еден од мажите кои завршиле во затвор врз основа на лажно признание.
- Без тие снимки, филмот ќе беше сосема поинаков - истакна Браун.
Терапија за филмската екипа
Поради исклучително вознемирувачката содржина, беше донесена одлука во серијата да не се прикажуваат фотографии од жртвите на самото место на злосторството.
- Ми рекоа: „Никогаш не гледај ги“. Беа толку страшни што го трауматизираа целиот тим - се присети Браун.
Емотивниот притисок бил толку голем што продукциската куќа „A24“ одлучила да финансира психолошка терапија за членовите на тимот.
- Тешко беше секој ден да се соочуваш со толку мрачна тема. Но, во таа тежина имаше и нешто скапоцено, да се гледа како семејствата се справуваат со загубата и болката - заклучи режисерката.
Извор:
bizlife.rs
Фото: Screenshot/YouTube