Кога ќе се споменат интернет-пребарувачи, повеќето луѓе веднаш помислуваат на „Хром“, „Фајрфокс“, „Сафари“ или „Мајкрософт еџ“. Но, зад нив всушност стојат механизми што одредуваат како ќе работи еден прелистувач, што може да прикаже и како ќе изгледаат веб-страниците. Денес постојат само три главни: „Блинк“ на „Гугл“, „Вебкит“ на „Епл“ и „Геко“ на „Мозила“, како и неколку помали, меѓу кои „Гоана“.
Од неодамна на оваа листа се приклучи и „Лејдибрд“. Првото издание е најавено за 2026 година, бета-верзијата за 2027, а стабилното издание за 2028 година. Целта е да се создаде независен прелистувач кој нема да зависи од веќе постојните решенија.
Зошто „Лејдибрд“ е посебен?
Во минатото постоеја поголем број прелистувачи: „Трајдент (Интернет експлорер), „Престо“ (Опера), „Геко“, „Вебкит“, но најголемиот дел се укинати или преземени од поголеми системи. Денес на пазарот доминира „Блинк“ и наметнува стандарди што програмерите мора да ги следат. Недостигот на конкуренција ја забавува иновацијата бидејќи кога еден енџин има монопол, интернетот станува премногу зависен од одлуките на една компанија.
„Лејдибрд“ е различен затоа што се гради од темел и не користи наследен код од „Хромиум“ или „Геко“. Наместо тоа, се потпира на модуларна архитектура: неговото јадро е поделено во одвоени библиотеки. Секоја компонента се развива одделно, што овозможува полесно одржување и поголема безбедност.
Уште една предност е тоа што „Лејдибрд“ нема пазарни притисоци од големите играчи, па може да се фокусира на чиста имплементација на веб-стандардите, без компромиси и „крпења“ што ги носат старите енџини.
Главниот проблем за секој нов прелистувач е компатибилноста. Интернетот не е уредно место - веб-страниците користат различни трикови, застарени функции и специфични оптимизации. Новиот прелистувач мора да помине илјадници тестови и да докаже дека може правилно да го прикаже „реалниот веб“. Ако веб-страниците не вложат во оптимизација за „Лејдибрд“, корисниците нема да имаат причина да го користат, што може да му го отежне опстанокот.
Дали „Лејдибрд“ може да ги промени правилата на играта?
Вистинската сила на овој проект не е само во создавање уште еден прелистувач, туку во можноста да се стресе воспоставениот поредок. Еден независен прелистувач има потенцијал да ја врати рамнотежата и да спречи интернет-стандардите да ги диктира само една или две големи компании.
Ако успее, „Лејдибрд“ може да стане нов репер за развој на прелистувачи и да овозможи поздравa конкуренција и побрзи иновации на мрежата.
Извор:
24sedam.rs
Фото: Screenshot/LadyBird