X
 06.02.2023 Наша тема

Антонио Ристески патува низ светот како уличен музичар: „Свирењето на улица ми даде одговор на прашањето зошто станав музичар?“

Тој што одвоил две минути за да ја слушне твојата изведба на улица е искрен и вистински слушател. Застанал затоа што имал причина за тоа и го насочува своето внимание кон тебе. Затоа свирењето на улица е нешто на кое ќе се навраќам целиот мој живот, вели Антонио.

Експериментирањето и љубопитноста како да звучи како цел бенд кога свири сам го доведоа Антонио Ристески до тоа што е денес. Неговиот алијас Само Тони алудира токму на тоа, откако мултиинструменталистот Антонио свирејќи како уличен музичар (баскер) на низа познати градски сокаци во Словенија, Австралија, Германија, Ирска, Шпанија, во изминативе пет години, успеа да го испече баскерскиот занает и веќе ѝ стана препознатлив на јавноста.

- „Само Тони“ или (Just Tony) е мојот солистички проект кој го работам веќе 10 години. Почетоците беа навистина тешки бидејќи не знаев како и каде да го пласирам тоа што го правев. Способноста и желбата да свирам различни инструменти ме донесоа до идеја да пробам и истовремено да ги свирам - вели Антонио.

Свирењето на улица на Антонио му дало одговор на прашањето: Зошто одлучив да станам музичар? Во 2017 година тој првпат застанал на улица да свири, а за време на пандемијата интензивно му се посветил на овој перформанс, со оглед на тоа што настапите во затворено беа забранети.

- Енергијата на искрениот слушател е бесценета и најголема награда за секој музичар. Тој што одвоил две минути за да ја слушне твојата изведба на улица е искрен и вистински слушател. Застанал затоа што имал причина за тоа и го насочува своето внимание кон тебе. Таа енергија е бесценета. Затоа свирењето на улица е нешто на кое ќе се навраќам целиот мој живот - вели Антонио.

 

Одлуката да се запишам на Музичка академија ја донесов две недели пред приемниот испит

Пораснал во Охрид, во фамилија на вљубеници во македонската музика, и најголемиот „виновник“ Антонио да се зарази со музиката бил неговиот дедо. Најголема желба му била барем еден од внуците да биде музичар.

- На 7 години моите родители видоа дека имам талент и желба за музика, па ме однесоа во основното музичко училиште „Методи Патчев“ во Охрид. Ме запишаа на виолина. По 6 години свирење на виолина почнав со изучување клавир и хармоника, гитара, усна хармоника, перкусии, но вниманието најмногу ми се задржа на ниските тонови на бас-гитарата и контрабасот кога наполнив 16 години, што беше и пресудно две години подоцна на тој инструмент да се запишам на музичка академија. Одлуката да се запишам на музичка академија ја донесов на само две недели пред приемниот испит. Мојата мајка имаше голем удел врз одлуката да се запишам на музичка академија - се присетува Антонио.

Пеење, гитара, бас-гитара, усна хармоника, казу и тапани се стандардната инструментална формација што ја има

Откако дипломирал на Музичката академија во Штип, отсек џез-контрабас, Антонио имал соработка и снимил видеозапис со босанскиот бенд „Дубиоза колектив“, а тогаш и го создал бендот „Само Тони и две жени‘‘. На тој начин работата му тргнала во позитивен правец и така траело до самиот крај, пред да се пресели во Германија.

- На почетокот добив голема поддршка од штипскиот извонреден гитарист и мој колега Ивица Јорданов, од кого научив дека се потребни упорност и верба во тоа што го правам. Причината за заминување беше големата желба за одење напред, желба да се види повеќе, повеќе шанси и поголема платформа каде што ќе можам да го пласирам мојот проект. Секој „one man band‘‘ музичар има свој уникатен начин на свирење. Пеење, гитара, бас-гитара, усна хармоника, казу и тапани се стандардната инструментална формација што ја имам секогаш на мој настап. Но користам, а и постојано се надградувам со нови инструменти кои ми отвараат нови видици - додава Антонио.

 

По настапите во Словенија во 2017, свирењето како баскер почнал да го гледа како професија

Случајно, при еден летен одмор во Копер, Словенија во 2017 година, Антонио првпат ја почувствувал магијата на уличното свирење. Иако како музичар имал можност да настапува на различни настани и фестивали со огромна публика, свирењето на улица му било едно сосема различно искуство и неспоредливо со сѐ претходно што работел.

- По враќањето од одморот во Словенија, неколку месеци подоцна повторно купив карта да одам пак во Словенија, овој пат со единствена намера да свирам на улица. По настапите во  Порторош, Изола и Љубљана, свирењето како busker или уличен изведувач го сфатив сериозно, можеби и како моја идна професија. Еден месец настапував низ улиците во Мелбурн, Австралија, каде што добив лиценца за уличен изведувач, без која не смее да се настапува на улица. Потоа баскирањето го продолжив во Германија (Хамбург, Берлин, Лубек, Шверин, Хановер...), Шпанија (Мадрид), Ирска (Голвеј)... - раскажува Антонио.

Негова најомилена случка од уличните настапи е едно познанство и пријателство со германски композитор на музика за танцување. Неговото име е Фолкер и според Антонио, тој е една од најинтересните личности што ги има запознаено.

- Тој е постар човек, има околу 82 години. Имаше научено каде и кога свирам во градот во кој живееше. Еден ден ми пристапи и така започна нашето пријателство. Јас ја прекинав музиката и седнавме во кафуле каде што ја начнавме секоја музичка тема и зборувавме со часови. Станавме големи пријатели и со мене ги сподели неговите компонирани дела, а имав чест да снимам и една негова композиција. Од него научив дека без разлика на годините, ние музичарите мора континуирано да твориме - објаснува Антонио.

 

Зимата е најголемиот предизвик и проблем за уличните изведувачи

Баскирањето е професија во која секојдневно запознаваш нови луѓе, музичари, луѓе од сите сфери и сите возрасти. Доколку баскирањето е твојата работа и твојот начин за преживување, тогаш негативните страни се исто толку присутни колку и позитивните, вели Антонио алудирајќи на предизвиците на свирењето во зима, кога температурите се ниски и раздвиженоста е помала.

- Зимата е најголемиот предизвик и проблем за уличните изведувачи. Тоа е причината поради која зимскиот период свирам поретко и се фокусирам повеќе на творење, снимања и други музички проекти. Но, оваа година ги добив двата најдобри подароци за мојот роденден, со кои ми се реши проблемот на студени раце додека свирам. Тоа се зимски ракавици на напојување со вградени грејачи кои ме топлат во текот на целото свирење и авионска карта за Ирска, каде што ги продолжив моите баскерски авантури - вели Антонио.

Огромна придобивка од свирењето на улица е запознавањето различни луѓе

Иако луѓето во повеќето европски земји се генерално дарежливи, сепак, пресуден елемент за тоа колку пари се прават на улица е уникатноста на музичкиот перформанс и музиката што се свири. На улица поминуваат секакви луѓе и затоа, според Антонио, никогаш не можеш да бидеш сигурен за висината на приходите што ќе ги добиеш на долги патеки.

- Во земја како Германија може да бидеш уличен изведувач и да живееш од тоа. Но, сепак, потребно е време за истражување, пронаоѓање локации и учење и почитување на законите за улични изведувачи бидејќи во секој град може да се различни.

Најбитниот момент што го гледам како огромна придобивка од свирењето на улица е запознавањето различни луѓе. Добиваш понуди за свирење на приватни забави, фестивали, музички соработки и градење нови пријателства со луѓе од целиот свет - објаснува Антонио.

Настапите на улица на Антонио му отворија многу други врати...

- Покрај настапите како уличен изведувач, последниве две години работам на различни проекти како сешн и студиски музичар и настапувам на фестивали во Германија, каде што веќе живеам 4 години. Немам конкретна и целосна слика за иднината, освен што работам на албум и тоа е тоа што планирам да се случи за брзо. За понатаму само знам дека ќе продолжам да се развивам како музичар и како личност, затоа што тоа е нашата работа како човечки суштества - завршува Антонио.

Фото: приватна архива

Подготвил: Никола Петровски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема