X
 16.05.2025 Наша тема

Интервју со Васил Хаџиманов: „Истражувајќи меѓу плочите на Сенка и Зафир, го открив модерниот џез“

Балканот е исплетен со музички светови кои во себе содржат извори на уникатни народни ритми и мелодии. Од тие извори енергија црпи Васил Хаџиманов, маестралниот српски пијанист со македонско потекло, композитор и аранжер, син на легендарните Зафир Хаџиманов и Сенка Велетанлиќ.

Познат е по својот уникатен пристап во џез-фјужн и светската музика. Роден е на 1 ноември 1971 година во Белград и потекнува од семејство на музичари: неговиот татко е македонскиот великан, композитор и актер Зафир Хаџиманов, негова мајка е познатата пејачка и актерка Сенка Велетанлиќ, а неговиот дедо е Васил Хаџиманов, етномузиколог и композитор од Кавадарци. Како потомок на истакнати музички фигури, Васил не само што ја наследи, туку и ја продолжи богатата музичка традиција на Балканот.

Во текот на својата кариера Хаџиманов има соработувано со многу меѓународни музичари и има издадено повеќе албуми кои добиваат позитивни оцени од критиката, меѓу кои „Васил Хаџиманов бенд“ (2001), „7/8 & 11“ (2008) и „Alive“ (2016).
Васил Хаџиманов продолжува да биде водечка фигура во современата џез и фјужн музичка сцена, а „Васил Хаџиманов бенд“ долги години ја воодушевува публиката низ светот со својот единствен звук и енергија. Својата музика бендот ја изведува на сцените низ светот и затоа токму неговата музика во Србија е прогласена за уметничко дело со национална вредност.

Во интервјуто за Факултети.мк Васил говори за своите музички почетоци, за тоа дали гените одиграле улога да стане пијанист, зошто навлегол во џезот, говори за тежината на презимето Хаџиманов и за спомените за Скопје и Македонија.

Кога одлучи музиката и пијаното да ти бидат животни сопатници?

- Родителите ме запишаа во музичко школо кога имав 5-6 години и клавир беше избраниот инструмент. Не се сеќавам дали тие одлучиле да свирам клавир или јас сум сакал, но тогаш падна одлуката. Подоцна, кога влегов во тинејџерските води, сфатив дека би сакал да се занимавам со тоа цел живот.


Фото: Предраг Илиќ

Дали гените одиграа клучна улога за да се продолжи богатата музичка традиција?

- Како и во секоја фамилија која се занимава со одредена професија, има влијание со кого и каде растеш, но сум рекол многупати кога ме прашале истово, од родителите немав никаков притисок или нивна намера да се занимавам со музика. Едноставно одев во музичко училиште, имав талент за тоа и беше лично моја одлука.

Со која музика растеше и што придонесе да навлезеш во џезот?

- Во нашата куќа се слушаше најразлична музика. Мојата тетка Бисера Велетанлиќ и родителите Зафир и Сенка Велетанлиќ се занимаваа со забавна музика и џез, но и мјузикл, шансони, сѐ се слушаше. И професионално и во автомобил додека се возевме се слушаше музика од Квинси Џонс, Стиви Вондер, Тото, Квин, Би Џис итн. и секако џез и Џеј. Подоцна почнав да истражувам меѓу оние плочи на Бисера и на Сенка и на Зафир, каде што го открив модерниот џез и фјужн џез со кој се занимавам и ден-денес.

Од каде црпиш инспирација, ги користиш ли балканските музички традиции во твоите дела?

- Инспирацијата се црпи од секојдневието, од сите искуства, и добри и лоши, како и сите емоции што ги чувствуваш некако се обидуваш да ги преточиш во нешто креативно, во овој случај музиката. Инспирацијата не доаѓа по некој бајковит систем да чекаш и одеднаш да се појави и ти да направиш ремек-дело, туку така што секојдневно се занимаваш со музика, било да вежбаш, да свириш или да се обидуваш да компонираш. Не мора да значи дека во првите 10 пати ќе се случи тоа што го сакаш, инспирацијата се случува во текот на работа.
Што се однесува до балканската или македонската традиција, користам често мотиви, ритми, инструменти и работев традиционални аранжмани за мојата тешта Бранкица Васиќ Василица, со бендот ја обработивме „Марика мома убава“, која мојот дедо и мојот татко ја пееле и многу од тоа што се вика балканска музика затоа што Балканот е една раскрсница на културите, на стиловите, на влијанијата и како таков носи мноштво инспиративни моменти кои мене особено ми значат.



Фото: Предраг Илиќ

Ти ја поврзуваш регионалната џез-сцена како пијанист, композитор, аранжер. Тоа што си внук на славниот Васил и син на уште пославниот Зафир дали носи дополнителна одговорност и тежина во создавањето музика?

- Тоа зависи од родителите со кои се пораснал. Доколку тие се однесуваат кон детето со став дека доаѓа од некоја важна фамилија и дека тоа носи тежина и тоа мора да се оправда, и поради тоа што го носи тоа презиме тој мора да биде специјално подобар од другите. Веројатно тие деца трпат некој вид репресија и притисок кои ги следат цел живот и не им помагаат да го прават тоа што го сакаат. Јас не сум растел во такво семејство, не чувствував притисок од татко ми, ниту од мајка ми, ниту од тетка ми. Сѐ беше нормално и природно и сам дојдов до заклучок што сакам да работам, без некој притисок дека морам да ги оправдам името и презимето што ги носам.

Повеќе си по работата во студио или повеќе уживаш во магијата на концертите во живо?

- Кога би се подвлекла црта, повеќе свирам во живо отколку во студио, но во последно време тој однос доста се промени бидејќи доста работев применета музика за филм, серија, балет и тоа се прави во студио. Ги сакам двата начини на создавање, целосно се различни. Кога работиш студиски, сам си и мораш сам да се инспирираш, а кога си со бенд или други музичари, тоа е друг вид интеракција каде што меѓусебно се инспирирате и комуницирате.


Фото: Предраг Илиќ

Какви спомени те врзуваат за Скопје и Македонија, дали често доаѓаш тука?

- Да, често сум во Скопје, во Македонија, и тоа е моја втора куќа покрај Белград. Имам прекрасни пријатели и роднини во Македонија кои сакам да ги сретнам. Спомени имам разни бидејќи сум бил милион пати и како дете, од прекрасни дружења со разни пријатели до свирки, концерти, патувања до Кавадарци каде што ми е фамилијата или до Охрид, или пак до Штип каде што предавав на Академијата за музика од која имам прекрасни спомени.

Успеа ли преку твојата музика да го оживееш и одржиш споменот на твоите предци кои се величини во своето поле?

- Се надевам дека успеав да ја оправдам мојата работа и на тој начин да ја продолжам семејната традиција. Еве имаме и четврта генерација, нашата ќерка Марта Хаџиманов штотуку дипломира оперски студии во Манхајм, сега е на мастер, фантастично пее и преполна е со музика, така што традицијата продолжува понатаму.

Еднаш рече дека сѐ што Васил запишал, Зафир отпеал, да очекуваме од тебе нов уникатен спој на џез со македонски или балкански народни ритми?

- Постојано сум инспириран од балканската музика и секогаш е во игра тоа - некоја од следните композиции што ќе се роди ќе биде обоена со нашите простори и од тоа не бегам.


Фото: Предраг Илиќ
Пред која публика на Балканот е најтешко да се настапи?

- Никогаш не сум размислувал за тоа која е најтешка за настап, не размислувам на тој начин. Публиката на нашите концерти има некоја сличност, прво се љубопитни што е тоа што ќе им го приредиме бидејќи се занимаваме со музика која во себе има доста импровизации и така секој концерт е различен, секојпат се прашуваат и тие, а богами и ние, што ќе се случи таа вечер. Тоа е публика која на крајот оди насмеана и задоволна без разлика дали се случувало тоа на Балканот или по светот. Музиката која ја изведуваме очигледно има добра комуникација со луѓето кои доаѓаат на нашите концерти, без разлика од каде дошле.

Насловна фотографија: Матеј Гргиќ
Подготвил: Орце Костов

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема