X
 06.03.2019 Живот

Треба да научиме да ја користиме технологијата за добро, а не да станеме зависни од неа, порачува проф. Огнен Спасовски

Можностите и користењето на технологијата влијаат и врз развојот на нашата мотивација. Нашите цели, како краткорочни така и долгорочни, се помногубројни, пофлексибилни, градат сложени и различни целини и многу различни замислени животни патеки, вели проф. Огнен Спасовски

Последниве дваесет години сме сведоци на големи технолошки напредоци. Светот во кој живееме веќе не е ист. Се соочуваме со огромни промени, а дигитализацијата е дел од нашето секојдневие. Излегоа иновации кои го револуционизираа начинот на кој живееме и работиме. Почнуваме да користиме 5Г-мрежи кои ќе ни овозможат да бидеме поврзани од каде било, со неверојатни брзини од 20 гигабајти во секунда, независно дали сме на планина, во пустина, каде било!
На пример, минатата недела во Барселона беше изведена првата хируршка операција на далечина со помош на 5Г. Докторот кој ја водеше операцијата им даваше совети и техничка помош на лекарите на оддалеченост од 5 километри од болницата. 5Г овозможи пренос со доцнење од 0,01 секунда, наспроти 0,27 секунди со 4Г-мрежата, која сега се користи во светот.
Сведоци сме на невидена еволуција, на прогрес незабележан во досегашната историја. Сè оди брзо, напред, и нема веќе враќање назад.
Благодарение на платформата „Интернет на нештата“ иднината веќе се случува денес. Фрижидер што самиот нарачува храна од маркет, ветерници што сами „одлучуваат“ кога да работат, електрични автомобили што сами дијагностицираат дефект и се јавуваат на сервис.
Комуникациската технологија овозможи нови начини на истражувања, нови научни сознанија за тоа како функционира мозокот, огромен бран на научни сознанија со кои дознавме многу за нашето функционирање, сознанија чија цел е да ја унапредат добросостојбата на луѓето.
Комуникациската технологија има и силна социјална компонента, и влијае врз развојот на личноста, го менува животот, што воедно беше и повод да разговаравме со професорот по психологија Огнен Спасовски од Институтот за психологија на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.



Како технологијата може да влијае врз развојот на личноста?

- Во професионалните кругови е непобитно јасно дека технологијата влијае врз развојот на личноста, но и дека ја менува личноста. Но, како сè технологијата влијае врз развојот на личноста и какви промени предизвикува, е предмет на обемни истражувања во светските центри, за кои сè уште немаме еднозначни резултати. Користењето на технологијата и пресметувачкото мислење (computational thinking) поттикнуваат позабрзан и поинтензивен развој на одредени неврални структури во мозокот, а како тоа ќе се одразува врз севкупното ментално функционирање, останува да се истражи. Луѓето стануваат почувствителни и покомпетентни за визуелни информации, а тоа влијае и го менува начинот на кој ги структурираме и обработуваме информациите. Тоа ја менува и нашата севкупна комуникација со другите.
Технологијата и изложеноста на технологијата го менуваат и начинот на кој денес го перципираме времето, начинот на кој ги планираме нештата и како гледаме на иднината.
Можностите и користењето на технологијата влијаат и врз развојот на нашата мотивација. Нашите цели, како краткорочни така и долгорочни, се помногубројни, пофлексибилни, градат сложени и различни целини и многу различни замислени животни патеки.
Овие промени недвосмислено ја менуваат личноста во целина.

Како еволуциската и позитивната психологија се поврзани со технологијата?

- Еволуциската психологија ни покажува дека нашиот мозок и когнитивниот апарат функционираат модуларно. Когнитивните процеси и активности се реализираат секвенционално и низ алгоритми, односно исто како и компјутерите. Оттука, денес кога дигиталната технологија е во секоја пора на живеењето, ние нужно треба да најдеме начини на кои технологијата конструктивно ќе ја поврземе со секојдневниот живот и работа, а особено во развојот на децата и нивните училишни обврски.
Пресметувачкото мислење, кое е аналогно на работата на компјутерите, треба да биде дисеминирано кроскурикуларно во целата наставна програма на децата. Тоа не значи нужно дека децата треба да поминуваат време на екрани (а уште помалку на социјални мрежи), затоа што има многу други начини со кои може да се развива пресметувачкото мислење, на пример, низ кодирање преку различни форми на роботика.

Позитивната психологија за главна цел има да им помогне на луѓето и заедниците да ги развијат своите потенцијали. Ако технологијата е екстензија на нашите сетила и когнитивни капацитети, логично произлегува дека технологијата отвора огромни можности да постигнување цели за кои нашите органи се ограничени.
Воедно, истражувањата во позитивната психологија за влијанието на социјалните мрежи и технологијата врз луѓето, сами по себе се невозможни без современата технологија.
Технологијата овозможува нови начини на истражувања, нови инструменти, со кои добиваме научни сознанија за тоа како функционира мозокот или други структури во одредени ситуации, што порано било невозможно. Оттука, комуникациската технологија овозможи огромен бран на научни сознанија со кои дознавме многу за нашето функционирање. Најважно е што тие сознанија се користат за да ја унапредат добросостојбата на луѓето и да го намалат страдањето.

Колку технологијата Ви помага во Вашата работа?

Од претходно кажаното, јасно е дека денес е невозможно занимавање со некоја професија без користење на технологијата. Ова важи и за мене, бидејќи технологијата ни помага и во дизајнирањето и во реализирањето на истражувањата, но и во реализирањето на самата настава.
Треба да научиме да ја користиме технологијата за добро! Да ја искористиме за да го придвижиме општеството понапред, да се надградиме, да си го направиме животот полесен, да поттикнеме позитивни иницијативи кои водат кон општо добро, а не да дозволиме ние да станеме зависни од неа.

До нас е како и колку ќе ја користиме комуникациската технологија. Едно е сигурно, таа може да реши многу проблеми со кои се соочуваме, да помогне да имаме почист воздух и почиста вода, да добиваме енергија од еколошки обновливи извори, да имаме поефикасен систем на рециклирање, подобро да ги користиме ресурсите, да имаме побрзи и поефикасни административни процеси и услуги, со нејзина помош да заработуваме... да имаме подобар живот.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот