X
 06.08.2026 Живот

Колумна: Ефект на топлински острови во Скопје

На јавните медиуми секој ден презентираат временска прогноза во која претежно се прикажани температурите во градовите според Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР). Во овие жешки денови за Скопје се прикажува максимална дневна температура од 40оС, но дали вредноста на оваа температура е веродостојна за целиот град? Мене особено ме интересира колкава е темперарурата на локацијата каде што е моето место на живеење.

Под поимот топлински острови се подразбираат урбани делови во градот во кои температурата на воздухот е 1 до 5 оС повисока од температурата во блиската (рурална) околина. Покрај екстремно високите температури и топлинските бранови заради климатските промени, ова е уште една појава која дополнително ја влошува состојбата со жешкото време

Според Обединетите Нации (ОН) во градовите живее над 55% од светското население. Во светот, особено во земјите во развој, постои тренд на миграција на населението од село во град, a ОН предвидуваат дека до 2050 година 68% од светската популација ќе живее во урбани средини така што проблемите со топлински острови ќе се зголемуваат во иднина.

Подолу се наведени неколку причини кои допринесуваат за создавање на ефектот на топлински острови.

- Главната причина е т.н. бетонизација, односно густо изградени големи згради, асфалтирани улици, поплочени тротоари и паркинзи кои апсорбираат топлина од сончевото зрачење. Најчесто тие имаат темна површина така што имаат релативно голема моќ на апсорпција на топлинските зраци од сонцето.
- Бидејќи бетонот, циглите и асфалтот се добри акумулатори на топлина, тие го загреваат воздухот и подоцна во текот на вечерните и ноќните часови.
- Друга голема причина е намалената вегетација, односно малку дрвја и мали површини со зеленило.
- Следна причина се високите згради кои го блокираат струењето на воздухот со што се намалува ладењето на ѕидовите на фасадите. Исто така, бетонот и циглите апсорбираат големо количество на топлина.
- Повисоката температура ја зголемува потребата за ладење со системите за климатизација при што се ослободува дополнителна топлина од нивната работа.
- Возилата ослободуваат отпадна топлина од работата на моторите, но и од нивните клима уреди.

Постојат разни стратегии за избегнување и/или намалување на ефектот на топлински острови. Всушност тие произлегуваат од причините за нивното создавање, а подолу се наведени позначајните.

- Паметно урбанистичко планирање. Да не се дозволува бетонизација на градот со густо изградени големи згради. На пример, во Скопје постојат фирми кои по секоја цена сакаат да градат на атрактивни локации (Центар, Карпош, Аеродром, ...) заради поголем профит. Околу 35% од становите во Скопје се празни, нема реална потреба од нови станови. Но многу граѓани ги вложуваат своите пари во станови бидејќи банките даваат ниски камати, пониски од инфлацијата.
- Повеќе дрвја и вегетација. Со зголемен број на дрвја и поголемо покривање со вегетација се намалува температурата на површината и на воздухот бидејќи се обезбедуваат сенки и испарувачко ладење.
- Зелени покриви. Одгледувањето на вегетација (разни растенија, треви др.) на покривот на зградата ги намалува температурите на површината на покривот и околниот воздух. Но во ваков случај треба ангажирање на работна рака за одгледување на вегетацијата, вршење на редовно полевање и др.
- Светли (ладни) покриви. Со инсталирање на покрив од светло обоени материјали или облоги што значително го рефлектираат сончевото зрачење се намалува температурата на покривот. Во последно време има тенденција на инсталирање на фотонапонски панели на покривите.

Во градот Скопје најизразен ефект на топлински остров има во центарот на градот каде што има голем број згради со голема густина на изграденост, многу асфалт и поплочени тротоари, а зеленилото е на мали површини. Доволно е да се отиде од центарот на градот до градскиот парк и да се осети разлика од неколку степени целзиусеви. Таа разлика е уште поголема во однос на некое излетничко место во околината на Скопје. Ефекти на топлински острови има и во делови на општините Карпош и Аеродром. Ако не престане градежната експанзија, ефектот на топлински острови ќе биде сé поинтензивен, а ако на тоа се додадат топлинските бранови заради климатските промени, тогаш условите за живот во Скопје ќе бидат драстично влошени. Има еден феномен во врска со усвојувањето на урбанистичките планови во општините. Иако 100% од анкетираните локални граѓани не го одобруваат градењето на нови големи згради, сепак тие планови поминуваат на гласање во општинските собранија. Зошто? Очигледно преовладуваат интереси на бизнисот, на политички партии, но и лични интереси.

Подолу е прикажана фотографија на еден топлински остров во кој се наоѓа Ситимол (City-mall) и плус неколку големи згради на потегот од бул. Партизански Одреди до бул. Илинден. До пред неколку години на оваа површина имаше само бавчи. Сега нема ниту еден м2 зеленило.

Ул. Манапо, покрај Сити-мол. Оваа бетонска џунгла е изградена во последниве неколку години.

За да се следи состојбата во однос на ефектот на топлински острови предлагам да се направат мерења во летниот период во одредени делови на градот Скопје за да се знае фактичката состојба. Ова особено се однесува на центарот на градот како и во делови со поголема густина на згради (Карпош, Аеродром и др.). Ова би требало да го направи Управата за хидрометеоролошки работи како најкомпететна за мерење температури на воздухот.

Да додадам уште еден проблем од погрешната урбанизација на градот Скопје. На пример, на бул. Партизански одреди и блиската околина на тротоарите долж десната страна (кон центар) постојано има јак мирис на фекалии и не е пријатно за луѓето да се движат по него. Веројатно дел од атмосферската канализација има “погрешни“ приклучоци со фекална вода, или фекалната канализација е преполна и има испарувања низ неквалитетно направени шахти. Тоа е последица на големата експанзија на изградбата на нови згради така што комуналната инфраструктура станува несоодветна (претесна) за потребите во новонастанатата состојба. 

Д-р Ристо Цицонков, редовен професор  на Машински факултет - Скопје 

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот