X
 06.11.2022 Технологија

Начини на кои сајбер-криминалците може да ви ги украдат лозинките

Објавувањето на приватните лозинки е еден од проблемите на дигиталното време. Доколку лозинката што ја користите за повеќе места, како апликација за банка и слично, стигне до рацете на сајбер-криминалците, тоа може да ви направи сериозни проблеми. Како може да биде украдена лозинката? Ова се најчестите методи што ги користат сајбер-криминалците денес.

Тројанец

Кога овие „дигитални шпиони“ ќе се најдат на уредот, тие најчесто не покажуваат видливи знаци на активност. Меѓутоа, колку подолго остануваат под радарот, толку повеќе податоци може да украдат и да им испратат на сајбер-криминалците. Меѓу другото, може да украдат и лозинки.

Уредот може да се зарази со тројанец ако сте отвориле штетен документ кој ви бил испратен од некого, доколку го преземете од веб-страница или го копирате од надворешен извор. Сајбер-криминалците често ги маскираат штетните документи за тие да изгледаат како слика, видео или нешто друго.

Фишинг

Постојат електронски пораки кои имаат задача да ве намамат на лажна веб-страница и да ве принудат да внесете податоци за пријавување. Тоа може да биде порака во која се вели дека вашата банкарска сметка е блокирана или нешто друго. Во овие ситуации внимателно погледнете го линкот. Некои лажни веб-страници имаат дополнителна буква или друга грешка.

Тоа не помага секогаш бидејќи вештите сајбер-криминалци може да направат да гледате лажна страница со оригинална адреса.

Напади на интернет-прелистувач

Еден од начините на кои често се крадат лозинки е преку екстензии. Посебно направен код на веб-страницата поставува шпионски софтвер на вашиот уред. Во некои случаи може самите да инсталирате штетен софтвер мислејќи дека е нешто друго.


Фото: Pixabay

Јавен безжичен интернет

Напаѓачите може да пресретнат податоци кои се испраќаат преку мрежа ако користите јавен безжичен интернет кој е незаштитено и нема лозинка. Друга можност е хакерот да постави јавна точка за безжичен интернет со име слично на постојната мрежа. Затоа, оневозможете го автоматското поврзување секогаш кога сте надвор од домот.

Оставање лозинки насекаде

Доколку имате навика да ги запишувате лозинките на повеќе места за да не ги заборавите, не правете го тоа. Опасно е и да се чуваат лозинки во несигурни текстуални датотеки на компјутер или телефон или да се чуваат лозинки во прелистувачот за автоматско пополнување. Најдобро е да се користи добар менаџер за лозинки кој е заштитен со енкрипција.

Екстерно протекување на лозинките

Протекувањето на лозинките често им се случува на онлајн продавниците, социјалните мрежи и други онлајн сервиси. Хакирањето на овие веб-страници им овозможува на криминалците пристап до огромни кориснички бази на податоци кои често вклучуваат лозинки и други лични податоци.

Проблем е што сопствениците не секогаш ги пријавуваат ваквите инциденти, а за тоа време вашите податоци се споделуваат, а можеби и продаваат. За среќа, многу експерти го следат објавувањето на таквите бази на податоци и ги предупредуваат корисниците. Бидете внимателни и со експертите бидејќи некои сајбер-криминалци се претставуваат како експерти за да дојдат до вашите податоци.

Извор: Informacija
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија