X
 07.03.2020 Живот

Речиси сите работници ја бараат оваа поволност во работата

Анкета на „Делоат“ спроведена на 1.000 работници покажува дека голем дел од вработените сакаат поголема флексибилност на работното место.

Имено, 94% од испитаниците изјавиле дека би сакале нивната работа да биде флексибилна, односно да може да работат од дома или да имаат флексибилни работни часови. Најголемите предности од зголемената флексибилност на работа, според испитаниците, се намалениот стрес и подобреното ментално здравје, како и подоброто балансирање на приватниот и професионалниот живот.

Сепак, 80% од испитаниците изјавиле дека традиционалната работна околина, како редовното одење во канцеларија и постојаната работа во одредено време, е важна за напредок во кариерата. 30% изјавиле дека не би ги искористиле опциите што ги бараат на работното место за да спречат потенцијални последици врз професионалниот раст и недостиг на доверба од лидерите.


Фото: Pixabay

Според податоците од анкетата, иако компаниите воведуваат правила за поголема флексибилност на работа, лидерите често не ги поддржуваат соодветно овие иницијативи. Работниците и понатаму се плашат да ги искористат ваквите опции бидејќи сметаат дека тоа може да има негативно влијание врз нивната кариера.

Лидерите мора да посветуваат поголемо внимание на работниците со оглед на тоа што иднината на работата ќе биде дефинирана од флексибилноста. Освен тоа, 52% од испитаниците во анкетата изјавиле дека извршниот директор или менаџерите се тие што имаат најголемо влијание кога станува збор за воведувањето на опциите за поголема флексибилност.

Активно поддржувајте ги опциите

Во анкетата на „Делоат“ само 48% од испитаниците ги искористиле опциите за флексибилни работни часови, а само 41% од нив работеле од дома. Главната причина за ова останува стравот од потенцијални негативни последици врз кариерата. Затоа, од основно значење за лидерите е да ги поттикнат работниците да ги искористат опциите што им се нудат и да се погрижат тоа да нема негативни последици.

Тие може да го сторат со практикување на опциите. Освен тоа, лидерите треба да се обидуваат да создадат работна култура во која има доверба. Тие мора да прифатат дека е невозможно да бидат сигурни дека работниците навистина ќе работат и наместо тоа да им веруваат на своите тимови дека работат најдобро што можат.


Фото: Pixabay

Тренирање на менаџерите

Дури и кога лидерите ги поддржуваат вработените во работата од дома или во практикувањето флексибилни работни часови, менаџерите може да не се согласуваат со тоа. Социологот Џејн Пери вели дека негово истражување покажало дека менаџерите се оние што најчесто ги блокираат иницијативите за флексибилност на работа. Затоа, лидерите треба да ги поддржат работниците, но мора и да разговараат со менаџерите и да ги едуцираат.

Фокус на резултатите

Според една мала анкета спроведена во Велика Британија, просечниот работник е продуктивен помалку од 3 часа дневно. Останатите 5 часа ги поминува проверувајќи електронска пошта, читајќи вести и разговарајќи со колегите. Сега треба да биде јасно дека присуството не е еднакво на продуктивноста. Затоа, за правилата за флексибилна работа да бидат успешни, лидерите мора да го променат начинот на кој гледаат на резултатите. Поточно, тие треба да се фокусираат на изработеното наместо на потрошеното време од страна на работниците.

Анкетата на „Делоат“ ја покажува побарувачката за работа од дома, како и нејзините поволности. 33% од испитаниците изјавиле дека флексибилноста на работа би го зголемила нивното задоволство од работата и моралот, а речиси 30% изјавиле дека тоа би ја зголемило нивната продуктивност. Затоа, флексибилноста треба да се земе предвид, а врз основа на податоците, лидерите треба да го сторат тоа за да успеат.
 
Извор: Forbes.com 
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот