X
 07.09.2020 Култура

Почина познатиот чешки режисер Јиржи Менцел

На 82-годишна возраст почина чешкиот режисер Јиржи Менцел по долга борба со низа сериозни здравствени проблеми.

Менцел е добитник на „Оскар“ за најдобар странски филм во 1968 година за драмата од Втората светска војна - „Строго контролирани возови“. Тој бил една од водечките фигури во чешкото кино „Нов бран“ во текот на 60-тите години заедно со режисерот Милош Форман, кој го режирал познатиот „Лет над кукавичјото гнездо“.

Менцел ретко бил виден во јавноста по операцијата на мозокот во 2017 година. Тој почина во саботата, соопшти неговата сопруга Олга Менцелова.

- Најмил Јиржа, ти благодарам за секој ден што го поминав со тебе. Беше извонреден. Ти благодарам за изминатите три години, колку и да беа тешки - напиша таа на нејзиниот фејсбук-профил.

Менцел студирал филмска продукција во Прага, а дипломирал во 1962 година.

Неговиот прв филм „Строго контролирани возови“ бил снимен според романот на Бохумил Храбал. По „Оскарот“, Менцел соработувал со романописецот многу пати.

На прашањето кој е рецептот за освојување „Оскар“, во интервју во 2006 година Менцел изјави дека тој имал повеќе среќа.

- Повредно од сите награди и медали што ги добив за овој филм беше доживотното пријателство со Храбал - изјави тој.

Освен режисер, Менцел беше и глумец и се појави во 89 филма.

Во 1987 г. Менцел добил уште една номинација за „Оскар“ за филмот „Моето слатко мало село“.

Неговиот последен филмски перформанс беше во 2018 година во филмот „Преведувачот“, кој ја раскажува приказната за човек кој бара одмазда за поранешен војник на СС, кој ги убил неговите родители.

Извор: ВВС
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура