X
 08.10.2020 Наша тема

Ни ѕвонче за одмор ни ѕиркање на симпатиите... Почнаа со онлајн-настава, но тешко може да се замени дружбата во клупа

Се оддалечивме, ми недостига секојдневието. Времето поминато на одморите, по завршувањето на часовите... вели А. В., средношколка во втора година во „Георги Димитров“

Полни ходници меѓу два часа. Врева, разминување, брзање кон кабинетот, случаен поглед со симпатијата за која никој не знае. „Ми се насмевна или ми се причини?“ Голем одмор – 15 минути во кои се случуваат милион работи што не се учат на час... Сето ова го има само за мал број средношколци оваа година.
Учебната 2020/2021 за најголем дел од средношколците во Македонија почна онлајн поради пандемијата на Ковид-19. Засега, вообичаениот почеток во школските клупи е одложен. До кога, зависи од епидемиолошката состојба.

Поразговаравме со ученици во средните училишта, нивни родители, наставници за тоа како се снаоѓаат со учењето онлајн, што е позитивно, што им недостига.

А.В. е втора година во скопската гимназија „Георги Димитров“. Таа вели дека почетокот на оваа учебна година е многу различен од наставата што ја имаа во последното тримесечје од претходната година. Професорите предаваат, одржуваат лекции, многу се поангажирани. Учениците имаат избор дали ќе го следат часот постојано со вклучена камера, но ако наставникот постави прашање до одреден ученик, тој мора да ја вклучи камерата и да одговори.



- Коментираме, нè прашуваат, има дискусија, пишување. Добро функционира, часовите се пократки. Се случува понекогаш да не работи нечиј звучник или микрофон, но најголем дел од професорите се толерантни и јасно им е дека некогаш интернетот може да закочи или да го снема. Но, користиме и комуникација на чет и така се надминуваат ситуациите - вели А. В.

Сепак, ѝ недостига атмосферата во школото, децата, вревата, дружбата. Лани таа ја почна својата средношколска авантура. Период и години кои се паметат до крајот на животот. Вели дека сосема разбира дека е сериозна ситуацијата, сите треба да бидеме одговорни, но ако може да избира, би го избрала училиштето.
- Се оддалечивме, ми недостига секојдневието. Времето поминато на одморите, по завршувањето на часовите... Ние цело лето комуницираме, се дружиме, но не е исто - вели таа.

Жаклина Свеќаровска е професорка во средното училиште „Гошо Викентиев“ во Кочани. Од неколкудневното искуство со онлајн-наставата во реално време вели дека формално на час се вклучени околу 80% од запишаните ученици.

- Реално... ми пречи што не ги гледам. Констатирам дека дел се само најавени, но не се појавени. Ги прозиваш да ги прашаш нешто – молк! Одговорните си се одговорни и во клупа и онлајн. Следат, учествуваат, прашуваат, одговараат, ги работат задачите. Другите ми се недостапни. А тоа не би се случувало ако се во училница - вели Свеќаровска.



Т. В. е мајка на ученичка во трета година во гимназијата „Климент Охридски“ во Охрид. Таа вели дека има голема разлика од периодот март-јуни и онлајн-наставата сега.

- Подобро е. Наместо пораки на „Вибер“, „Месинџер“, некои стигнуваа и доцна во ноќта, сега имаат часови по распоред, предавања. Сепак, сметам дека нема замена за настава во школо. Настрана тоа што го учат на часовите, но што со големиот одмор? Еден од најважните моменти во нивното секојдневие. Како ќе го надополнат тоа дружење, животно искуство кое не се стекнува на час? - прашува Т. В.

Александра Бундалеска е мајка на средношколец во прва година во „Орце Николов“ во Скопје. Како родител, тешко ѝ паднала одлуката средношколците да учат онлајн наместо со физичко присуство. Генерално, пријателите што ги имаме во животот ни се соучениците од средно, од гимназија, а на 15-16 години се создаваат пријателства што траат цел живот. Вели дека ги разбира сите аспекти на пренесувањето на Ковид-19, но смета дека многу им е скратено на овие 15-годишни ученици кога треба да се запознаваат со нови другари од клас, со нови професори, да се дружат, да разменуваат идеи, музика, уметност...

- Почна учебната година, во овој случај успешно, со мали технички проблеми кои секако ќе се исправаат, особено што овие момчиња и девојчиња се спремни на ваков вид комуникација. Првата недела од наставата почна со запознавање, кој од каде е, од кое училиште, што го интересира, а учениците повеќе ги интересира кој каков професор е. Мислам дека ние, родителите, потрагично го сфаќаме нивното „недружење“ на училиште отколку тие. Ова се други генерации и мора да го прифатиме тоа. За илустрација, веднаш штом беше објавен списокот со учениците по класови, за 15 минути син ми веќе ги знаеше соучениците - некој направил чет на „Инстаграм“ и таму ги додал сите што ги нашол. Веќе имаа група и се договараа кога ќе се видат во живо. Секако дека физичкиот контакт, дружењето, наставата во училница не може да се заменат, но мислам дека на оваа генерација некако ѝ е полесно. Дел од нив лани имаа онлајн-настава или нешто што наликуваше на тоа, одеа на јазици и ги изучуваа онлајн, па овој начин на учење не им паѓа тешко - објаснува Бундалеска.

Најголем дел од средните училишта ја почнаа годината со онлајн-настава. Комисијата формирана од претставници од министерствата за образование и наука, за здравство и од Канцеларија на претседателот на Владата, која одлучува каде ќе биде дозволена настава со физичко присуство, во последното соопштение извести дека вкупно 34 општински средни училишта побарале настава со физичко присуство, а одобрение добило само едно - СОУ „АТА“ од Центар Жупа. Имаше и средношколци што протестираа и бараа настава во училишните клупи. Во некои градови и вчера имаше бојкот на онлајн-наставата.

Фото: Архива
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / Сребра Ѓорѓијевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема