X
 08.10.2025 Наука

100 милиони згради низ Африка, Азија и Америка може да бидат потопени поради зголемувањето на нивото на морето

Нова студија предводена од Универзитетот „Мекгил“ дава изненадувачко предупредување за Глобалниот Југ („Трет Свет“, „земји во развој“).

Доколку не успееме брзо да ги ограничиме емисиите на фосилни горива, зголемувањето на нивото на морето би можело да доведе во опасност од поплави повеќе од 100 милиони згради.

Ова екстремно предупредување доаѓа од нова студија предводена од Универзитетот „Мекгил“ во Канада, а спроведена била голема анализа „зграда по зграда“. Анализата ја зела предвид изложеноста на крајбрежната инфраструктура во региони на Африка, Југоисточна Азија и Централна и Јужна Америка.

- Порастот на нивото на морето е последица од затоплувањето што веќе влијае врз крајбрежното население и ќе продолжи со векови. Луѓето често зборуваат за зголемување на нивото на морето за десетици сантиметри, или можеби еден метар, но би можело да продолжи да расте ако не престанеме да согоруваме фосилни горива - вели проф. Наталија Гомез, коавтор на студијата.


Катастрофален ризик во сценарија со високи емисии

Студијата го проценила ризикот од поплави во текот на повеќе векови, користејќи податоци за надморска височина и сателитски снимки, за да утврди колку згради би биле потопени при различни зголемувања на нивото на морето.

Тимот испитал широк опсег на идно зголемување на нивото на морето, од 0,5 до 20 метри. Истражувачите нагласиле дека опасноста е веќе неизбежна, дури и ако се реализираат најдобрите можни сценарија. Дури и најамбициозните намалувања на емисиите би можеле да доведат до зголемување од само 0,5 метри и сепак да поплават три милиони згради.

Ризикот драматично ескалира во сценарија со високи емисии во временски рамки од повеќе векови. Неуспехот брзо да се ограничи употребата на фосилни горива би можел да резултира со зголемување на нивото на морето за пет метри или повеќе, во рок од неколку века. Тоа би довело до 100 милиони згради во опасност од редовни поплави во овие региони.

Заканата е зголемена бидејќи овие структури се наоѓаат во ниско поставени, густо населени региони. Тоа би можело да изложи цели заедници, инфраструктура и места на културно наследство на ризик од потопување.

Информирање за адаптација и планирање

Наодите од студијата би можеле да им помогнат на урбанистите, креаторите на политики и заедниците. Нуди интерактивна мапа, јавно достапна преку „Гугл ерт енџин“, која им овозможува на тие што носат одлуки да ги визуализираат регионите со најголема изложеност.


Тимот нагласува дека влијанието на оваа криза се протега далеку над крајбрежните области, погодувајќи ги сите поради меѓусебно поврзаните економски и прехранбени системи. Способноста на глобалните системи да функционираат зависи од крајбрежната инфраструктура - затоа, сите прекини во работата на основните објекти, како што се пристаништата, би можеле да предизвикаат сериозна штета на светската економија и снабдувањето со храна.

Извор: interestingengineering.com

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука