X
 09.03.2021 Култура

Стефан Петановски на само 22 години компонира и едуцира, а зад себе има учество во 5 албуми

Факултети.мк ги поддржува и промовира младите талентирани и креативни луѓе и со објава на содржина посветена на нивните активности. Да им помогнеме да го добијат заслуженото место во земјава и во светот. Ги охрабруваме сите млади таленти да се обратат во нашата редакција за да можеме да го покажеме нивниот труд пред пошироката јавност.

Стефан Петановски има само 22 години, а веќе има биографија полна со успеси. Тој е композитор, соло-артист, член во бендот Station: Innermost, како и наставник по гитара. Стефан најмногу се пронаоѓа во прогресив рок, иако, како што вели, црпи инспирација од огромен број жанрови, сепак тоа што излегува од него најлесно може да се вметне во гранката на прогресивна музика.

Досега Стефан има учествувано во создавањето на голем број песни, проекти, има соработувано со повеќе артисти, а веќе се бројат и пет албуми во кои барем имал учество.

- Почнувајќи од 2018 г., со бендот Spectrum го издадовме албумот Hiraeth, потоа во 2019 следуваше мојот прв соло-албум наречен Architect of Reality, а веднаш потоа и Exposure, кој го издадовме со мојот бенд Station: Innermost. Во 2020 ја имав честа да бидам гостин на албумот За Металцките Работи на Chromatic Point, а сега на 10 март 2021 излегува и мојот втор соло-албум Eros. Сè од горенаведеното е авторска музика, но лично од мојот соло-проект веќе се бројат два албума и вкупно 22 композиции од истите - вели тој.



Стефан имал повеќе можности да го покаже својот талент пред публиката.

- Низ текот на годините имав многу убави моменти, концерти, настани, но би ги издвоил следниве: Пиволенд (Main stage) – 2016, Д фест – 2017, самостоен концерт во МКЦ со Spectrum, повеќе настапи, како и промоција на Exposure со Station: Innermost, настап на North City Jazz and Blues Festival и многу многу други. Секако, покрај настапите создадени се огромен број композиции, соработки, искуства за кои навистина сум горд и благодарен - ни раскажа тој.

Го запрашавме дали, според него, македонската сцена нуди можности за млади таленти.

- Има неколку извори што пробуваат да ја одржат сцената во живот, но за жал тоа не е доволно. Потребна е многу поголема заангажираност во полето на културата гледано од секој аспект. Фали тој дополнителен поттик кај младите да продолжат да го прават тоа што го сакаат. Навистина може да се пофалиме со огромен број таленти и жално е што нема доволно поддршка и поттик за тие да дојдат до израз - вели Стефан.



Тој смета дека за пробивање на младите таленти на сцената е потребна поголема медиумска поддршка.

- На младите најмногу би им помогнала многу поголема медиумска поддршка и платформи каде што ќе може да се покажат и истакнат, како и поголема иницијатива за новите имиња и бендови да бидат препознаени. Кај младите сè повеќе и повеќе фали моментум, треба да се поттикне креацијата, иновативноста и уникатноста. Треба да се инвестира во младите таленти на секое поле во секој аспект, ако нема култура, што ни останува? Само да пробаме да си ги замислиме овие тешки времиња без уметност, без музика... - вели тој.



Стефан е амбициозен и талентиран, но главна цел во животот му е среќата.

- Пред сè, среќата во животот ми е главна цел. Ако не се чувствувам среќен, тоа ќе се отслика во сите други сфери од животот, а истото важи и во обратната насока. Кога човек е среќен во моментот во кој се наоѓа, единственото нешто со кое зрачи е токму таа енергија. За мене лично, среќата е најголемиот двигател, поради тоа и креирам музика, тоа ме прави среќен. Едноставно ми помага да дојдам до чувството на задоволство и сатисфакција, а кога тоа е присутно, сè друго во животот е полесно. Да, во животот секогаш има и ќе има предизвици, но наше е за тие предизвици да се трудиме да најдеме решение и да не дозволиме да се преточат во страв и проблеми - истакнува Стефан.

Утре излегува вториот соло-албум на Стефан, под наслов Eros, кој ќе биде достапен на сите социјални платформи, а ќе има и физички копии. Основната тема на ова парче музика се базира врз филозофскиот концепт „Ерос“, со што се истакнува љубовта, животот, креацијата и сè што ќе остави подобар свет долго по нашето постоење.

Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура